Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека го отфрлил иранскиот предлог за повторно отворање на Ормускиот Теснец и за ставање крај на борбите на Блискиот Исток. Иран ја претстави оваа иницијатива на Генералното собрание на ОН во Њујорк, наведувајќи дека таа им била пренесена на Американците преку катарски посредници и дека би можела да доведе до повторно отворање на стратешкиот воден пат и до прекин на непријателствата во регионот во рок од седум дена.
„Тие сакаат да склучат договор за итно отворање на Ормускиот Теснец бидејќи губат катастрофално“, рече тој пред да замине за Тенеси. „Ние бележиме огромна победа. Тие сакаат договор и мислам дека тоа е во ред; и јас сакам да склучувам договори. Она што сакаат да го направат е веднаш да го отворат Ормускиот Теснец… бидејќи немаат прилив на пари, а парите ги добиваат преку Ормускиот Теснец“, рече Трамп.
САД воведоа економска блокада врз Иран за да извршат притисок врз Техеран да ја укине блокадата на Ормускиот Теснец, што драстично го намали поморскиот сообраќај низ теснецот, иако Трамп повторно тврдеше дека САД имаат контрола врз тој воден пат.
Весникот „Волстрит џурнал“ прв објави дека Трамп го отфрлил иранскиот предлог, повикувајќи се на неименувани американски функционери. Во извештајот се вели дека Трамп приватно изразил скептицизам оти Иран ќе ги исполни неговите барања и им кажал на своите соработници дека смета оти е веројатна нова серија бомбардирање по ноемвриските избори за Конгресот во САД.
Претходно, еден американски функционер изјави дека разговорите со Иран преку посредници биле „позитивни и конструктивни“.



