Доналд Трамп ќе се сретне со Ким Џонг-Ун на 12 јуни во Сингапур, објави американскиот претседател.
Ова ќе уследи два месеца откако Трамп ја изненади светската јавност со изјавата дека ја прифатил поканата на севернокорејскиот лидер да се сретнат, што досега не го направил ниту еден актуелен претседател на САД. Тие претходно редовно разменуваа навреди и сериозни закани.
Во знак на добра волја, Северна Кореја деновиве ослободи тројца американски државјани кои подолго време беа во заробеништво под обвинение за шпионажа.
„Двајцата ќе се потрудиме ова да биде голем момент за светскиот мир. Очекувам оваа средба да биде голем успех. Навистина мислам дека имаме добра шанса да направиме нешто многу значајно“, изјави Трамп.
Деталите од средбата деновиве биле утврдени при посетата на државниот секретар Мајк Помпео во Пјонгјанг.