ТРАМП НЕ НАЈАВИ НОВИ ВОЕНИ АКЦИИ ТУКУ НОВИ САНКЦИИ ЗА ИРАН ПО РАКЕТНИОТ НАПАД НА БАЗИТЕ ВО ИРАК

    ТРАМП НЕ НАЈАВИ НОВИ ВОЕНИ АКЦИИ ТУКУ НОВИ САНКЦИИ ЗА ИРАН ПО РАКЕТНИОТ НАПАД НА БАЗИТЕ ВО ИРАКТрамп кажа дека немало жртви во нападот на две американски воени бази во Ирак, кои биле минимално оштетени. (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека ниту еден Американец не е повреден во денешниот ирански ракетен напад на две американски бази во Ирак и најави нови санкции за Иран.

    „Се чини дека Иран попушта. Убиството на иранскиот генерал Солејмани беше решителна акција да се запре безмилосен терорист. Ние елиминиравме еден од најголемите светски терористи и Американците треба да бидат благодарни и среќни поради тоа“, кажа Трамп во своето прво јавно обраќање од нападот со дрон минатиот петок, во кој беа убиени Солејмани и неколкумина негови соработници.

    Тој кажа дека базите претрпеле минимални оштетувања во нападот и ги повика европските земји да го напуштат нуклеарниот договор со Иран, опишувајќи го како глупав. Тој дури побара да се преговара за нов договор.

    „Никогаш нема да му дозволиме на Иран да има нуклеарно оружје. Веднаш ќе воведеме нови санкции кон Иран кои ќе бидат на сила додека тие не го променат своето однесување“, кажа Трамп.

    Комесарот за надворешни работи на ЕУ, Хосеп Борел, претходно денеска изјави дека не очекува Франција, Германија и Велика Британија да излезат од нуклеарниот договор со Иран.

    Според разузнавачки извори од САД и Европската Унија, Иранците стратешки избрале да гаѓаат цели на кои нема да има човечки жртви, не сакајќи ескалацијата на кризата да излезе од контрола.

    Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи кажа дека ракетниот напад врз американските воени бази во Ирак бил шлаканица за САД и најави крај на американското присуство во регионот. Ова беше најдиректниот ирански напад врз САД од заземањето на американската амбасада во Техеран во 1979 година. Али Хаменеи во својот денешен говор не се закани со нови воени акции, а портпаролот на иранската војска кажа дека тие ќе се случат само доколку САД возвратат.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира