САД и Русија вчера постигнаа договор за прекин на огнот во југозападна Сирија, како круна на првиот состанок на претседателот Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин. Ова е прв американски и руски напор под претседателството на Трамп да ја запрат шестгодишната граѓанска војна во Сирија.
Примирјето стапува во сила в неделата на пладне во Дамаск, според официјални претставници на САД и на јорданската влада, која исто така е вклучена во договорот.
Државниот секретар Рекс Тилерсон, кој го придружуваше Трамп на состанокот со Путин, рече дека договорот е наменет за намалување на насилството во областа на Сирија близу границата со Јордан, што е од клучно значење за безбедноста на американскиот сојузник.
Ова е „многу комплициран дел од сириското боиште”, изјави Тилерсон за новинарите по средбата на американскиот и рускиот лидер што траеше над 2 часа на маргините на глобалниот самит во Хамбург, Германија. За договорот, тој рече: „Мислам дека ова е нашиот прв показател дека САД и Русија можат да работат заедно во Сирија”.