ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ ЗАГИНАА ВО ПРЕСТРЕЛКА СО КОСОВСКАТА ПОЛИЦИЈА, ЗАБАРИКАДИРАНИ СЕ ВО МАНАСТИР

    ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ ЗАГИНАА ВО ПРЕСТРЕЛКА СО КОСОВСКАТА ПОЛИЦИЈА, ЗАБАРИКАДИРАНИ СЕ ВО МАНАСТИРУште не се знае кои се 30-ната вооружени и маскирани напаѓачи кои со оклопно возило упаднале во манастирскиот комплекс и пукаат во полицијата. (Фото: АП)

    Вооружени напаѓачи со оклопни возила упаднаа во село во регионот на Косово со етничко српско мнозинство, се борат со полицијата и се забарикадираа во манастир на северот од земјата. Косовската полиција соопшти дека еден полицаец и тројца од околу 30 напаѓачи загинале во престрелки околу селото Бањска.

    Монасите и верниците беа затворени во црквата на српскиот православен манастир додека престрелката во опсадата трае со часови. Не е јасно кој стои зад насилството, но косовскиот премиер Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џелал Свецла ги обвинија „криминалците спонзорирани од Србија“.

    „Тие се професионалци, со воено и полициско потекло“, рече Курти, повикувајќи ги да се предадат.

    Косовоската полиција соопшти дека се уапсени уште четворица осомничени во атарот на селото Рударе, каде што се пронајдени средства за комуникација, наводно поврзани со „криминални групи“, а пронајдено е и поголемо количество оружје, муниција и разновидна опрема.

    Српските власти немаа веднаш коментар, иако претседателот Александар Вучиќ треба вечерва во 20 часот да даде изјава.

    Рашко-призренската епархија на Српската православна црква (СПЦ), која ја опфаќа Бањска, рече дека мажи со оклопно возило упаднале во манастирскиот комплекс, принудувајќи ги монасите и верниците кои се во посета да се затворат во храмот.

    „Вооружени маскирани лица се движат низ дворот и повремено се слушаат истрели“, се вели во соопштението. „Епархијата најостро го осудува отвореното насилство што се применува во верскиот објект на Српската православна црква, повикувајќи ги сите страни што поскоро да го прекинат конфликтот“.

    Полицијата соопшти дека напаѓачите прво позиционирале тешки возила на мостот во селото. Тие пукале во полицајците кои им пришле пред да се упатат кон блискиот манастир. Покрај жртвите, тројца полицајци се повредени во престрелките, соопшти косовската полиција.

    Шефот на мисијата на ОН во Косово, Каролин Зиадех и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го осудија насилството.

    „Повеќе невини животи се загрозени во тековните непријателства во околината на манастирот Бањска“, рече Борел, додавајќи дека мисиите на ЕУ и НАТО во Косово се поврзуваат со властите. „Овие напади мора веднаш да престанат.

    Војниците на НАТО, заедно со припадниците на полициските сили на ЕУ, ЕУЛЕКС и косовската полиција, патролираат на патот што води кон Бањска, според репортерот на Ројтерс кој во близина. На новинарите им е забранет влезот во селото. Локалните медиуми соопштија дека косовската гранична полиција затворила два премина со Србија.

    Србите во северно Косово долго време бараат спроведување на договорот од 2013 година со посредство на Европската унија за создавање асоцијација на автономни општини во нивната област. Разговорите под покровителство на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово заглавија минатата недела, при што блокот го обвини Курти за неуспехот да се формира асоцијацијата. Приштина го гледа планот како рецепт за мини-држава во Косово, што знчи поделба на земјата по етнички линии.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира