Ахмад Кан Рахами, осомничениот за бомбашките напади викендов во Њујорк и Њу Џерси, е уапсен и однесен на операција откако беше ранет во престрелката со полицијата во Линден, Њу Џерси, соопшти обвинителството.
Рахами, 28-годишен натурализиран американски државјанин, роден во Авганистан, бил пронајден од полицијата пред локално кафуле. Во престрелката се повредени двајца полицајци, но не се во животна опасност.
Истражителите успеаја да го идентификуваат Рахами преку отпечаток од прст на една од бомбите. Еден од телефоните на импровизираните експлозивни направи, исто така, бил од помош за истрагата, соопштија властите.
Експлозијата во Менхетн во саботата вечер повреди 29 луѓе. Другите две експлозии во Њу Џерси поминаа без повредени. Полицијата пронајде и четири други сомнителни направи.