УКРАИНА СЕ БРАНИ НА ИСТОКОТ И НЕ ОЧЕКУВА НИШТО НЕВООБИЧАЕНО ЗА ГОДИШНИНАТА ОД ВОЈНАТА

    УКРАИНА СЕ БРАНИ НА ИСТОКОТ И НЕ ОЧЕКУВА НИШТО НЕВООБИЧАЕНО ЗА ГОДИШНИНАТА ОД ВОЈНАТАУкраинската војска кажа дека во изминатите 24 часа одбила 90 руски напади (Фото: АП)

    Украина кажа дека нејзините сили одбиле руски напади долж линијата на фронтот во пресрет на првата годишнина од почетокот на инвазијата, додека Владимир Путин најави зајакнување на руските нуклеарни сили и вети зголемување на военото производство.

    Во изминатите недели, Русија ги зголеми пешадиските напади на замрзнатиот терен во битки што двете страни ги опишуваат како најкрвави од почетокот на војната. Западот верува дека тоа е вовед во голема руска пролетна офанзива, која ќе се потпира на стотици илјади резервисти мобилизирани во изминатите месеци.

    Руските сили направиле напредок во обидите да го опколат Бахмут, но досега не успеале да ги пробијат украинските линии северно кај Кремина и јужно кај Вухледар. Украинската војска кажа дека во изминатите 24 часа одбила 90 руски напади на североистокот н истокот на земјата.

    Украина затвори некои училишта во пресрет на годишнината од војната, очекувајќи Русија да лансира ракетни напади за да го одбележи денот. Сепак, властите сметаат дека Русија веќе нема капацитети за драматично покажување сила.

    „Нема да се случи ништо невообичаено. Се планира мал ракетен напад, вообичаен руски напор. Имаат два датума, 23 и 24 февруари. Верувајте ми, сме го искусиле тоа повеќе од 20 пати досега“, кажа Кирило Буданов, шефот на украинското воено разузнавање.

    Британското министерство за одбрана, пак, објави дека Русија планира нов голем напад на Вухледар, и покрај тешките загуби минатиот месец.

    Без можноста да објави големи воени успеси за годишнината, Путин се сврте кон нуклеарната реторика во изминатите денови, па прво го суспендираше учеството на Русија во договорот за намалување на стратешкото вооружување со САД, „Нов старт“. Тој денеска најави и распоредување на новите интерконтинентални балистички проектили „сармат“, кои можат да носат повеќе нуклеарни глави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира