Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска сигнализираше дека е можно Унгарија дополнително да ја одложи ратификацијата на приемот на Финска и Шведска во НАТО, велејќи дека гласањето може да се одржи дури во втората половина на март. Шведска и Финска лани аплицираа за приклучување кон НАТО по инвазијата на Русија на Украина. Но, сите 30 членки на НАТО треба да ги поддржат апликациите, а Шведска се соочи со приговори од Турција поради засолнување на оние што Анкара ги смета за членови на терористички групи.
Бидејќи процесот на ратификација на Унгарија е заглавен во парламентот од јули, Орбан вчера за првпат изрази загриженост за членството на Шведска и Финска во НАТО. Меѓу другите критики, тој ги обвини двете земји дека шират „директни лаги“ за здравјето на демократијата и владеењето на правото во Унгарија. Националистот Орбан рече дека се потребни повеќе разговори меѓу парламентарните групи пред пратениците да гласаат за кандидатурите за членство, за кои ќе започнат со расправа в среда.
Законодавната агенда објавена на веб-страницата на парламентот оваа недела покажа дека конечното гласање за кандидатурите за НАТО може да се одржи на 6 март. Сепак, денеска помошникот на Орбан, Гергели Гуљас, рече дека сè уште може да треба повеќе време.
„Парламентот ќе го стави ова на дневен ред в понеделник и ќе започне со расправа за законодавството следната недела“, рече Гуљас на прес-конференција. „Врз основа на унгарската процедура, усвојувањето на законодавството трае околу четири недели, така што произлегува дека парламентот може да гласа за ова некаде во втората половина на март, во неделата на 21 март“.