ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ДАВА ОГРАНИЧЕНА ЗАШТИТА ОД ЈУЖНОАФРИКАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ФИРМАТА

    ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ДАВА ОГРАНИЧЕНА ЗАШТИТА ОД ЈУЖНОАФРИКАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ФИРМАТАВакцината на „АстраЗенека“ во Македонија ќе дојде во март и тоа ќе биде првата првата количина испорачана преку КОВАКС системот. (Фото: Би-Би-Си)

    Раните испитувања укажуваат на тоа дека вакцината против ковид-19 на „Оксфорд-АстраЗенека“ нуди ограничена заштита од лесна форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој на вирусот. Но, фирмата соопшти дека сè уште целосно не утврдила дали вакцината штити од тешката форма на болеста предизвикана од овој сој на вирусот кој има поголема преносливост.

    Прелиминарните откритија од малото истражување врз над 2.000 луѓе сè уште не се разгледани од рецензенти. Над 100 случаи на јужноафриканскиот сој се откриени во Велика Британија.

    Прелиминарните откритија, првпат објавени во „Фајненшл тајмс“ и потврдени од „АстраЗенека“, сугерираат дека вакцината нуди ограничена заштита од блага и умерена форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој. Студијата треба да биде објавена утре. Портпаролот на „АстраЗенека“ рече дека тие сè уште не се во можност правилно да утврдат дали вакцината ќе спречи тешка болест и хоспитализација предизвикана од јужноафриканскиот сој, бидејќи оние кои биле вклучени во студијата биле претежно млади, здрави возрасни лица.

    Но, компанијата изрази уверување дека вакцината ќе понуди заштита од сериозни случаи, затоа што создава неутрализирачки антитела слични на другите вакцини за коронавирус. Портпаролот на „АстраЗенека“ изјави дека компанијата и Универзитетот Оксфорд почнале да ја прилагодуваат вакцината против јужноафриканскиот сој, додавајќи дека нова вакцина ефикасна против мутирани верзии на вирусот ќе може да биде подготвена за дистрибуција наесен ако има потреба.

    Д-р Мајкл Хед, виш научен соработник за глобалното здравје на Универзитетот во Саутемптон, рече дека ако вакцината на „Оксфорд-АстраЗенека“ дава помала заштита од лесна форма на болеста, но спречува тешка болест, „сепак ќе биде прилично добар исход“.

    „Сметам дека засега не треба да бидеме премногу вознемирени од објавените наоди, но треба да ја видиме целосната студија за да откриеме какви се навистина импликациите”, рече тој за „Би-Би-Си“.

    Вакцината на „АстраЗенека“ во Македонија ќе дојде во март и тоа ќе биде првата првата количина испорачана преку КОВАКС системот. Според информациите од КОВАКС, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

    Компанијата вчера рече дека вакцината обезбедува добра заштита од британскиот сој кој првпат беше откриен во Кент, а сега е доминантен во Велика Британија. Постоечките вакцини беа дизајнирани околу претходните верзии на коронавирусот, но научниците веруваат дека тие сепак треба да се ефикасни и против новите, иако сè уште не е јасно колку добро делуваат против различните мутации.

    Првите резултати сугерираат дека вакцината на „Фајзер-Бионтек“ штити од новите соеви. Според податоците за двете нови вакцини против коронавирус што може да бидат одобрени наскоро – едната од „Новавакс“, а другата од „Јансен“ – се чини дека тие нудат одредена заштита. И раните резултати од вакцината на „Модерна“ сугерираат дека таа е ефикасна против јужноафриканскиот сој.

    Експертите велат дека, ако е е потребно, за неколку недели или месеци вакцините може да се редизајнираат и да се изменат за да бидат поефикасни за нови соеви.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира