ВИЕ СТЕ ДЕЛ ОД СЕМЕЈСТВОТО, ИМ КАЖА ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ПОЧЕТОКОТ НА САМИТОТ ВО СЛОВЕНИЈА

    ВИЕ СТЕ ДЕЛ ОД СЕМЕЈСТВОТО, ИМ КАЖА ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ПОЧЕТОКОТ НА САМИТОТ ВО СЛОВЕНИЈАДекларациите на ЕУ да се преточат во дела, кажа Заев, кој во Брдо-Крањ се сретна и со бугарскиот претседател Радев

    Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека државите од Западен Балкан се дел од европското семејство, откако нивните лидери пристигнаа во Словенија на неформален самит, на кој се очекува да се повторат гаранциите дека еден ден ќе станат членки на блокот.

    По неколку недели двоумење, лидерите на ЕУ го договорија текстот на декларацијата на самитот, со која ќе се обнови 18 години долго ветување за идно членство на Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ, Косово и Албанија ако ги исполнат строгите критериуми. Сепак, во услови кога процесот на проширување се блокира поради најразлични спорови во Брисел и регионот, многумина на Балканот чувствуваат дека декларацијата е само празна изјава.

    „Нашата порака е дека Западен Балкан припаѓа во Европска Унија. Ние ве сакаме во Европска Унија. Вие сте едно европско семејство. Ние делиме иста историја, исти вредности и длабоко сум убедена дека делиме и иста судбина“’, изјави Фон дер Лајен на почетокот на самитот во Брдо-Крањ.

    Предлогот на Словенија, која моментално претседава со ЕУ, 2030 да се постави како цел за прием на шесте држави не бил прифатен.

    „Народите од Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела. Ако ЕУ не дејствува, разочарувањата во регионот ќе бидат непоправливи и ќе се нанесе огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка“, кажа премиерот Зоран Заев, кој се сретна со Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, премиерот на Словенија Јанез Јанша и претседателот на Бугарија, Румен Радев.

    Австрискиот канцелар Себастијан Курц предупреди дека ако ЕУ не му понуди вистинска перспектива на регионот, тоа би можеле да го искористат Русија, Кина и Турција да го зајакнат своето влијание.

    „Регионот ѝ припаѓа на Европа географски и му треба европска перспектива“, кажа Курц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира