ЗАПАДНИТЕ СИЛИ ЗАСТАНАА ЗАД УКРАИНА ПРЕД ДЕНЕШНИОТ СОСТАНОК БАЈДЕН-ПУТИН И Ѝ СЕ ЗАКАНИЈА НА РУСИЈА СО ЕКОНОМСКИ САНКЦИИ

    ЗАПАДНИТЕ СИЛИ ЗАСТАНАА ЗАД УКРАИНА ПРЕД ДЕНЕШНИОТ СОСТАНОК БАЈДЕН-ПУТИН И Ѝ СЕ ЗАКАНИЈА НА РУСИЈА СО ЕКОНОМСКИ САНКЦИИПутин и Бајден ќе разговараат преку видеоповик со цел да се смират тензиите околу Украина (Фото: АП)

    Западните лидери ја повикаа Русија да ги смири тензиите и ветија дека ќе ја поддржат Украина во случај на каква било закана од Москва. Џо Бајден разговараше со Борис Џонсон и лидерите на Франција, Италија и Германија, при што се согласиле да ги употребат сите можни алатки за да се спречи агресија.

    Американскиот претседател денеска ќе одржи видеоразговор со Владимир Путин, на кој се очекува да му се закани со економски санкции доколку Русија изврши инвазија на Украина. Според Белата куќа, администрацијата на Бајден е цврсто решена да дејствува против Русија, чија економија би платила многу висока цена. Од друга страна, Путин веројатно ќе бара гаранции од Бајден дека НАТО никогаш нема да се прошири на Украина, која веќе долго време бара членство.

    „Се консултиравме со нашите сојузници и формиравме заедничка стратегија со која ќе ѝ нанесеме сериозна штета на руската економија. Можете тоа да го наречете закана, ако сакате“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

    Според американските медиуми, мерките главно би биле насочени кон руските банки и нивниот пристап кон глобалните финансиски пазари, додека официјални лица тврдат дека САД не планираат воен одговор.

    Иако трупа војска на границата, Москва и натаму тврди дека не планира да ја нападне Украина и ги обвини западните сили за провокација. Украински официјални лица сметаат дека Москва планира воена офанзива за крај на јануари.

    „Путин со голем интерес ќе ги ислуша предлозите на Бајден околу Украина“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира