СО СВЕДОЧЕЊЕТО НА НИНЏА И БРАТ МУ ЗАВРШУВА ОДБРАНАТА, ОСТАНУВААТ УШТЕ ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    СО СВЕДОЧЕЊЕТО НА НИНЏА И БРАТ МУ ЗАВРШУВА ОДБРАНАТА, ОСТАНУВААТ УШТЕ ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛСпоред обвинителниот акт, Благоја Василевски, кој на 27 април со Груевски бил во Виена, во 14.30 часот му се јавил на брат му Нинџа, по што почнала акцијата за напад на Собранието. (Фото: К.Попов)

    Со давање одбрана на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа денеска ќе заврши давањето искази на обвинетите, со што во судскиот процес за организираниот напад на Собранието остануваат уште завршните зборови. Според закажаните термини од судијката Добрила Кацарска во декември ќе има уште 11 судски рочишта. Имајќи предвид дека речиси секој ден во наредните денови ќе има рочишта и дека траат до доцна навечер, може да се очекува до Нова година судскиот процес да заврши.

    Судијката Кацарска на рочиштето во вторникот им напомена на адвокатите на 33 обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, после сведочењето на Василевски, ќе им даде можност да достават дополнителни докази и од понеделник да се подготвуваат за завршните зборови.

    Александар Василевски-Нинџа на рочиштето завчера ѝ рече на Кацарска дека ќе дава своја одбрана откако претходно обвинетите Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо и Митре Питроповски се откажаа од тоа право. Неговиот адвокат како сведоци кои ќе дадат исказ во корист на Нинџа ги наведе неговиот брат Благоја Василевски и Дејан Димовски-Боксер.

    Благоја Василевски е брат на Нинџа и долгогодишен телохранител на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија. Според обвинителниот акт Благоја, кој на 27 април со Груевски бил во Виена, во 14.30 часот му се јавил на Нинџа, по што почнала акцијата за напад на Собранието. Дејан Димовски-Боксер, вработен во УБК, е лицето кое во своето сведочење на 3 декември обвинетиот Стефан Младеновски го посочи дека по нападот на Собранието дошол во паркот Жена-борец и им рекол да не се секираат, камерите во Собранието не работат оти ги искршил.

    Браќата Стефан и Михаил Младеновски во своја одбрана исто така кажаа дека токму по повик на Александар Василевски-Нинџа тие заедно со уште 10-тина обвинети вечерта на 27 април со маски влегле во Собранието. Токму Нинџа им ги давал насоките и за протестите пред ДИК, по завршување на изборите во декември 2016 година, кои тој ги добивал од поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, а според кои требало да се фрлаат молотови коктели во зградата.

    „На 27 април околу 13 часот, на мојот брат му се јави Кољо и нè викна да одиме во ‘Дион’ на ручек. Стигнавме околку 14 часот, беше присутен Нинџа со неговата екипа од 15-20 луѓе. Кога стигнавме таму, Нинџа нè извести дека денес е денот. Кратко потоа, во 17.30 часот, Нинџа седеше на масата позади мене. Го слушнав како му рече на Кољо – ‘мислам дека треба да ставиме маски, подрско ќе изгледа’. Извади пари од џебот, му даде пари на Кољо по што се упативме до продавницата ‘Камуфлаж’. Кољо влезе сам и излезе со кеса со маски. Околу 15.30 часот пристигна уште една група од Ѓорче. Од Нинџа разбрав дека биле поранешни членови на СДСМ и дека им рекол доколку не сакаат проблеми треба да се докажат. Од задниот џеб извади пари и ми рече да докупиме уште 30 маски.  Отидовме, купивме уште 30 маски, по што се вративме во ‘Дион’. Сега е денот да се покаже дали се само набилдани кретени, без муда, рече Нинџа“, сведочеше на 3 декември Стефан Младеновски.

    Брат му Михаил Младеновски во сведочењето истиот ден кажа: „Кољо и Нинџа имаа пиштоли и значки од УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила. Блиндиран џип со петти и мерцедес блиндиран со седми степен безбедност. Нинџа имаше и радиостаница, ги слушаше командите на полицијата на ниво на СВР Скопје. Пред 27 април се вршеа насилства врз ‘државни непријатели’, јавни лица и новинари, по проценка и под полна заштита на директорот на УБК Владимир Атанасовски. Операциите ги изведуваше и Нинџа. Имаше насоки да се дигнат во воздух колите на Петре Шилегов и на Љубомир Фрчкоски, но до тоа не дојде“.

    По сведочењата на браќата Младеновски и обвинетиот Захарие Младеновски, во кои го посочија тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април, во вторникот вечерта тој беше приведен и му беше одредена мерка притвор од 30 дена. Обвинителството за организиран криминал, за Атанасовски покрена предистражна постапка за кривично дело Здружување заради непријателска дејност.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира