ВМРО-ДПМНЕ СО РЕПЛИКИ И КОНТРАРЕПЛИКИ ЌЕ ГО БЛОКИРА И ИЗБОРОТ НА НОВ ОБВИНИТЕЛ

    ВМРО-ДПМНЕ СО РЕПЛИКИ И КОНТРАРЕПЛИКИ ЌЕ ГО БЛОКИРА И ИЗБОРОТ НА НОВ ОБВИНИТЕЛОпозицијата тврди дека постапката за распишување оглас за нов обвинител е спротивна на Изборниот законик и на мислењето на Антикорупциската комисија. - Координаторот на првата и најбројната од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на завчерашната собраниска седница (Фото: Ѓ. Личовски)

    Денеска продолжува собраниската седница на која што се расправа за распишување оглас за именување на државен јавен обвинител. Како и при разрешувањето на Марко Зврлевски, кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ распоредени во десет пратенички групи со меѓусебни реплики и контрареплики го блокираа Собранието, опозицијата со исто сценарио ќе ја одолговлекува расправата и за распишувањето на оглас за нов јавен обвинител.

    За дискусија по точката на дневниот ред распишување оглас за државен јавен обвинител пријавени се над дваесетина пратеници од опозициската ВМРО ДПМНЕ, тврдејќи дека и постапката за распишување оглас за нов обвинител е спротивна на Изборниот законик и на мислењето на Антикорупциската комисија.

    Пратениците на владејачкото мнозинство пак тврдат дека не е прекршен ниту еден закон во постапката за разрешување на Марко Зврлевски, како и во процедурата за распишување на оглас за нов јавен обвинител.
    Пратеникот на СДСМ Петре Шилегов на колегите од опозицијата на завчерашната дебата им рече дека кога ќе се спомнат зборовите „јавно обвинителство“, веднаш предизвикуваат нервоза кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Покажувате ароганција во однесувањето во Парламентот. Брутално го злоупотребувате тенкото парламентарно мнозинство. Исто како и при разрешувањето на Марко Зврлевски и сега не го почитувате Иборниот законик“, им врати координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

    Според законската процедура, по усвојување на предлогот во Собранието, огласот за кандидати за јавен обвинител ќе биде распишан во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик, по што тече рокот за пријавување на кандидатите од 15 дена.

    Потоа Владата поднесува барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое што овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа.

    Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати. По ова, Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

    Во случај Советот од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена, но ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
    Ако пак Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

    За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство со 61 глас. Собранието го разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на 17 август. За негово разрешување гласаа 64 пратеници, а немаше против и воздржани. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на гласањето.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира