ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПАРИЧНО КАЗНИ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ ЗА ПРЕКРШОЦИ ОД 2018

    ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПАРИЧНО КАЗНИ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ ЗА ПРЕКРШОЦИ ОД 2018„Разочарани сме од овој однос“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари. (Фото: СДК.МК)

    Дел од матичните лекари минатиот месец добија казни кои се однесуваат за неправилности констатирани во 2018 и 2019 година, а биле изречени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и тоа во време на мораториум. За ова реагираа и од Здружението по општа медицина-семејна медицина (ЗЛОПСМ) и од Здружението на приватни лекари.

    „Казните се за погрешна терапија, нешто што порано било за опомена, сега се изречени парични казни. Казнет е колега кој препишал лек препорачан од интернист, оти во местото немало уролог. Разочарани сме од овој однос и затоа сметаме дека е време да се отворат повеќе фондови, ФЗО да нема монополски однос. Бидејќи не сме опфатени со ниту еден пакет мерки на Владата, време е капитациониот бод да биде 90 денари“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

    Казните биле во висина од 15 до 25 илјади денари. Покачување на капитациониот бод побара и Здружението на лекари по општа медицина-семејна медицина.

    „Бараме поништување и повлекување на сите донесени решенија за изречените договорни казни што се повикуваат според Договорот помеѓу ФЗО и приватните здравствените установи. Најголемиот број на изречени договорни казни се од 2018 па наваму. За истите договорни казни не е доставено до здравствените установи претходно известување, односно предлог за изречените казни“ , пишува во писмената реакција на ЗЛОПСМ која е испратена и до Владата и до Собранието.

    Во писмото, меѓудругото потсетуваат  оти матичниот лекар е прв контакт со пациентот и дека ординациите останаа отворени во сите услови изминатава година на пандемија.

    Од Фондот за здравство објаснуваат дека излегле во пресрет и го прифатиле барањето на Лекарската комора и Здружението на приватни лекари, да се стави мораториум, мирување за изрекување на договорни казни во период од 1.1.2019 до 30.6.2019 година.

    „Како што исплатата на месечниот надомест – капитацијата е обврска на Фондот кон ПЗУ, така и обврска на секоја приватна здравствена установа е почитувањето на одредбите од договорот кои што своеволно го имаат потпишано“, појаснуваат од ФЗО.

    П. ПЕЧКОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира