ХРВАТСКА ЌЕ ДОНИРА УШТЕ 20 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ, ЌЕ БИДАТ ОД „АСТРАЗЕНЕКА“ ИЛИ „МОДЕРНА“, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    ХРВАТСКА ЌЕ ДОНИРА УШТЕ 20 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ, ЌЕ БИДАТ ОД „АСТРАЗЕНЕКА“ ИЛИ „МОДЕРНА“, КАЖА ФИЛИПЧЕВо земјава досега се вакцинирани 346.836 граѓани. (Фото: К. Попов)

    Во земјава вчера стигнаа 10 илјади вакцини против ковид-19 од „АстраЗенека“ како донација од Хрватска, а хрватската Влада одлучи да донира уште 20 илјади вакцини, кажаа денеска министерот за здравство Венко Филипче и хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

    Филипче рече дека вакцините кои стигнаа вчера, в понеделник ќе бидат распоредени на вакциналните пунктови, а дополнителната пратка вакцини ќе биде или од производителот „АстраЗенека“ или од „Модерна“, со што тоа би била прва употреба на оваа вакцина во земјава.

    Хрватскиот министер, кој вчера беше на меѓународната конференција Преспа форумот за дијалог, кажа дека Хрватска е среќна што може да им помогне на најблиските соседи и дека вакцинацијата е најефикасно средство во борбата против ковид пандемијата.

    Филипче рече дека во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени во земјава, освен во градовите Скопје, Битола и Тетово. Во овие три градови до петок следната недела ќе бидат повикани сите пријавени граѓани, со што ќе бидат вакцинирани сите вкупно 500.000 пријавени во земјава, но властите сметаат дека тоа не е доволно и затоа апелираат до граѓаните да се пријавуваат за вакцина против ковид-19.

    На новинарско прашање дали се планираат нови рестрикции откако делта сојот на ковид-19 се појави во сѐ повеќе земји, меѓу кои и во Србија, Филипче рече дека в понеделник ќе разговарат со Комисијата за заразни болести  за ширењето на делта сојот и за можната заштита на границите.

    „Ќе ги слушнеме предлозите, но засега нема да има дополнителни мерки на територијата на земјава“, рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира