И МЛАДИ СО КОВИД-19 ЗАВРШУВААТ НА РЕСПИРАТОР, НАЈМЛАДИОТ ШТО ПОЧИНА ИМАШЕ 23 ГОДИНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    И МЛАДИ СО КОВИД-19 ЗАВРШУВААТ НА РЕСПИРАТОР, НАЈМЛАДИОТ ШТО ПОЧИНА ИМАШЕ 23 ГОДИНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕПотполковникот Далтвеит, министерот Филипче и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска - донација на 100 респиратори од Норвешка. (Фото: К. Попов)

    И млади пациенти со ковид-19 завршуваат на респиратор, под десет проценти од вкупниот број на пациентите со ковид-19 во земјава кои биле поставени на инвазивна вентилација се извлекле, рече министерот за здравство Венко Филипче на донацијата на респиратори за инвазивна и неинвазивна вентилација од Кралството Норвешка.

    „Тоа е неинвазивна метода, која се користи како последна метода за спас на животот, но во огромен број случаи, за жал, мал е процентот на пациенти кои се извлекле, не само кај нас, туку и во светот. Во моментов на Хируршките клиники осум пациенти се поставени на респиратори, немам податоци за Градската општа болница ‘8 Септември’, директорот не стигна на утринскиот состанок, чекам информации во текот на денот. Најмладиот пациент кој сега е на респиратор има 40 години, а најмладиот пациент од сите кои беа поставени на механичка вентилација и за жал почина беше на 23 години“, кажа Филипче.

    Во однос на норвешката донација, станува збор за 100 респиратори за инвазивна и неинвазивна вентилација, кои може да се користат во и бон болнички услови, како и во транспорт на пациенти. Министерот додаде дека не се респиратори само за ковид пациенти, туку дека имаат широка примена и ќе бидат распоредени низ државава.

    Военото аташе од Норвешка, потполковник Егил Далтвеит рече дека донацијата е во вредност од 600 илјади евра, и дека сакале на нивниот НАТО сојузник да му помогнат да се спасат што е можно повеќе животи.

    „Лани, кога пандемијата ја погоди Норвешка, не знаевме дали имаме доволно респиратори ако ситуацијата излезеше од контрола. За брзо време, научниците од Норвешката институција за истражување во одбраната го дизајнираа овој респиратор кој може да работи без голем дел од вообичаената висока технологија. Може да работи без кислород под притисок и е релативно едноставен за употреба. Заедно со две индустриски компании, една медицинска, а другата специјализирана за хидраулика, забрзано произведоа над 1.000 вакви респиратори. За среќа, Норвешка помина најдобро во Европа за време на кризата, и ви ги донираме, оти нам ни се вишок, а вам повеќе ви требаат“, кажа потполковникот.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира