ИНТЕРВЕНЦИЈА ЗА СЕРИОЗНО ЗАБОЛУВАЊЕ КОЈА ЗАМЕНУВА ОПЕРАЦИЈА НА ОТВОРЕНО СРЦЕ СТАНУВА РУТИНА НА КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОЛОГИЈА, ВЕЛИ Д-Р ЗИМБАКОВ

    ИНТЕРВЕНЦИЈА ЗА СЕРИОЗНО ЗАБОЛУВАЊЕ КОЈА ЗАМЕНУВА ОПЕРАЦИЈА НА ОТВОРЕНО СРЦЕ СТАНУВА РУТИНА НА КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОЛОГИЈА, ВЕЛИ Д-Р ЗИМБАКОВДо скоро, оваа процедура се изведуваше кај пациенти кои инаку не би биле кандидати за операција на отворено срце. (Фото: Клиника за кардиологија)

    Една од најкомплексните процедури во кардиологијата, процедурата транскатетер валвуларна аортна имплантација (ТАВИ) за која не е потребна целосна анестезија и времето на престој во болница е пократко отколку по хируршки третман, веќе не е реткост ни во земјава. На Клиниката за кардиологија досега се изведени 95 вакви интервенции, од тим предводен од директорот д-р Жан Зимбаков и д-р Оливер Бушљетиќ, и неколку млади интервентни кардиолози кои се во фаза на интензивен тренинг.

    Д-р Зимбаков, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК појаснува за какво заболување на срцето станува збор и што претставува процедурата.

    Предноста на оваа техника е тоа што се скратува периодот на закрепнување на пациентот и должината на болничкиот престој, вели д-р Зимбаков. (Фото: К. Попов )

    Конкретно, вели тој, аортната валвула е составена од три залистоци. Една од нејзините најчести и најсериозни болести претставува стеснувањето на нејзиниот отвор и се нарекува аортна валвуларна стеноза. Како последица на оваа болест протокот на крв од левата комора кон аортата е намален, односно намален е протокот од срцето кон останатите делови од телото.

    „Оваа болест може да се појави во склоп на вродена срцева маана – бикуспидна валвула (аортна валвула со два залистоци), што е поретка појава. Втората и многу почеста е аортна стеноза, која се создава како дел од процесот на стареење. Па со продолжениот животен век на луѓето, како резултат од подобрувањето на технологијата и медицината, оваа болест станува сѐ почеста појава“, вели д-р Зимбаков.

     

     

    Илустрација: Клиника за кардиологија

    Многу од луѓето со аортна стеноза немаат симптоми сѐ додека рестрикцијата на крв не е значително намалена. Но со прогресија на болеста најчести симптоми кои се јавуваат се:

    • Градна болка
    • Срцебиење
    • Вртоглавици
    • Губиток на свест
    • Замор при мал напор
    • Појава на отоци на нозете
    • Отежнато дишење
    • Намалена можност за извршување на секојдневните активности.

    По дијагностицирање на болеста, додека е асимтоматска, нејзиниот тек може да се одложи со помош на лекови, а како дефинитивен третман на аортната валвуларна стеноза е промена на аортната валвула. Тоа може да се постигне со операција на отворено срце (кардиохируршки) или со минимално инвазивна процедура која се нарекува транскатетер валвуларна аортна имплантација (ТАВИ).

    На Кардиологија досега се изведени 95 вакви интервенции, од тим предводен од директорот д-р Жан Зимбаков и д-р Оливер Бушљетиќ и неколку млади интервентни кардиолози кои се во фаза на интензивен тренинг. (Фото: Клиника за кардиологија)

    „Што претставува ТАВИ? Со оваа минимално инвазивна процедура се поставува нова аортна валвула, без отстранување на оштетената. Тоа се постигнува со поставување на катетер во феморалната артерија на ногата (еден од најголемите крвни садови во ногата). Преку овој катетер се спроведува и имплантира новата валвула. За оваа интервенција не е потребна целосна анестезија и времето на престој во болница е пократко отколку по хируршки третман. До скоро, оваа процедура се изведуваше кај пациенти кои инаку не би биле кандидати за операција на отворено срце“, потенцира д-р Зимбаков.

    Илустрација: Клиника за кардиологија

    Со усовршување на техниката, ТАВИ процедурата наоѓа сѐ поголема примена. Предноста на оваа техника е тоа што се скратува периодот на закрепнување на пациентот и должината на болничкиот престој, за разлика од кардиохируршките операции кои се изведуваат со отварање на градниот кош и користење на екстракорпорална циркулација.

     

    ТАВИ е една од најкомплексните процедури во интервентната кардиологија. (Фото: Клиника за кардиологија)

    „Сите процедури досега се успешно извршени, се надеваме дека понатаму трендот ќе биде таков, ќе го задржиме и ќе се работат многу проекти“, вели д-р Зимбаков.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира