ЈАС ЌЕ ЈА ПРИМАМ КИНЕСКАТА, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ И ДА НЕ БИРААТ ВАКЦИНИ, СИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЈАС ЌЕ ЈА ПРИМАМ КИНЕСКАТА, ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ И ДА НЕ БИРААТ ВАКЦИНИ, СИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо земјава вчера стигнаа 200 илјади вакцини на „Синофарм“, а ќе се користат од 4 мај. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сите вакцини против ковид-19 се безбедни, нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина, бидејќи сите се со еднаков квалитет, вели министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи оти ќе се вакцинира следната недела со кинеската вакцина на „Синофарм“.

    Во земјава вчера стигнаа 200 илјади вакцини на „Синофарм“, и со тоа имунизацијата во земјава се одвива и со „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „спутник“.

    „Сметам дека е сооодветно како личен пример да примам вакцина која ја има на располагање во најголема количина. Воопшто немам лична преференца, а ги следам сите стручни анализи и публикации во однос на вакцините. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните тоа да го направат, без да бидат загрижени и да размислуваат дали има предност да се вакцинираат со една или со друга вакцина“, изјави вчера министерот при пречекот на кинеската донација.

    Вакцините ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, а ќе се дистрибуираат согласно закажаните термини за имунизација, односно врз основа на заинтересираноста која граѓаните ќе ја искажат најпрво преку веб страната вакцинација.мк , но и преку матичните лекари.

    „Граѓаните треба да се пријават на сајтот вакцинација.мк и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време“, рече Филипче.

    Во наредниот период ќе стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“, но не се знае, како што рече тој, кога и колава количина ќе стигне од руските вакцини. Тој верува дека дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население коешто ќе биде вакцинирано.

    Имунизација со „Синофарм“ почнува на 4 мај, вторник во пунктовите за масовна вакцинација во Скопје во другите 6 градови – во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола и според распоредот на веќе пријавени граѓани ќе биде и распределена и бројката на вакцини. Филипче најави и дека до крајот на мај ќе има пунктови за масовно вакцинирање и во Велес и во Прилеп.

    Во земјава досега се вакцинирани 61.603 граѓани, а пријавени се 218.577 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира