Доктор Жозев Глигоров (54), по потекло од Струмица, е професор по медицинска онкологија на светски престижниот Универзитет Сорбона и лекар на Одделот за медицинска онкологија во болницата Тенон, Париз. Во неговата импресивна биографија меѓудругото стои дека е извршен директор на Универзитетскиот институт за рак на Сорбона, потпретседател на Францускиот национален колеџ за образование за рак, коосновач и претседател на Медитеранската асоцијација за онкологија за радиотерапија и медицинска онкологија посветена на грижата за пациентите со рак.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК имаше можност да поразговара со д-р Глигоров за состојбата со ковид пандемијата и вакцинацијата, за време на неговата посетата на Клиниката за хематологија.
- Дали пациентите со онколошки проблеми треба да примат вакцина против ковид-19?
- Секако. Повеќе екипи во светот, како и нашата на Институтот за онкологија на Сорбона, имаaт објавено резултати дека кај пациенти кои се лекуваат против рак или пак кои имале рак, постои поголем ризик на агресивни форми на ковид-19 со зголемен морталитет. Исто така, докажано е дека онколошките пациенти имаат бенефит од вакцинација со намален број на агресивни форми и морталитет. Затоа, кога почна кампањата за вакцинација во Франција, после возрасните лица, пациенти со коморбидитети меѓу кои и онколошките пациенти имаа приоритет за вакцинација.
- Дали има некои ограничувања во смисла, да се почека период пост или пред операција, или додека се на лекување?
- Нема никакво ограничување во смисла на некој посебен ризик на компликации со вакцинацијата кај онколошките пациенти. Квалитетот на имунолошката реакција со вакцинацијата може да биде различна зависно од физиолошката состојба на пациентите и употребување на посебни терапии против ракот. Тоа значи дека ако се чека крај на некои терапии пред вакцинацијата, тоа е само затоа што вакцината помалку ќе делува.
- Дали има посебна препорака за одреден тип на вакцина да се дава на лица со онколошки проблеми?
- Не посебно. Но, најмногу податоци за вакцинација на пациенти со онколошки проблеми има со РНА вакцините за сега (н. з. „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ „КјурВак“). Тоа не значи дека се подобри или полоши, но како секој пат, лекарите имаат потреба за конкретни податоци.
- Каква е стапката на вакцинација во Франција? Каков е ставот кај поголемиот дел од населението?
- Моментално во Франција се приближуваме до 80 отсто од популацијата која ја има примено вакцината (барем една доза). Целта, која е колективен имунитет, сѐ уште не е целосно постигната бидејќи би требало да се достигне кога над 90-95% од популацијата ќе има примено вакцина или прележано ковид-19 и има антитела. Но, највероватно ќе биде потребна и редовна ревакцинација како што е вакцината против грипот секоја есен. Мал процент на луѓе се плашат од вакцината, а уште помал се против. Како и секогаш, некои полесно прифаќаат предлози за подобрување на јавното здравје од други, но денес ситуацијата нема да дозволи да се земе ризик за појава на поагресивни соеви на вирусот кои може да бидат уште посмртоносни поради мал број на луѓе. На ниво на планетата, главниот проблем ќе биде вакцинацијата на луѓето кои немаат квалитетна здравствена политика или пак пристап на вакцината. Многу е жално кога во држави каде е бесплатна вакцинацијата се троши енергија за убедување после толку месеци, а во други, луѓето се спремни да добијат вакцина, а немаат можност.
- Дали кај лицата со онколошки проблеми е потребна трета доза од вакцината?
- Секако, но не само онколошките пациенти, туку и другите најверојатно.
- Каков е протоколот за лекување на лица со онколошки болести заболени од ковид-19 во Франција?
- Засега, глобално ист. Проблемот е во блокирање на здравствениот систем со пациенти болни од ковид-19 во тешка состојба, поради кои, за жал, не може да тече нормално процесот на лекување на онколошки пациенти или пациенти со други заболувања. Ако на интензивна нега нема места за нови пациенти затоа што сите места се пополнети со ковид пациенти, тогаш како можете да лечите инфаркт на срце, тешка емболија или пак постоперативен процес кај пациенти оперирани од рак. Треба луѓето да сфатат дека сѐ што ќе го ослободи здравствениот систем од многубројни пациенти со тешка форма на ковид-19, ќе дозволи да се вратиме во нормален процес на лекување на другите заболувања. Индиректниот морталитет на пандемијата на ковид-19 (пациенти умрени од други заболувања кои не можат да се лекуваат поради употребување на средствата за пациенти заболени од ковид-19) ќе биде можеби и поголем од директниот морталитет на пациентите заболени од ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА