Дигиталната ковид пропусница ќе може да се симнува како апликација на мобилен телефон од почетокот на следната недела, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Тој е електронски пас преку кју-ар (QR) код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон. Ќе содржи простор за три податоци: на кју-ар кодот ќе има податоци за вакцина и ревакцина и типот на вакцината, вториот податок ќе биде ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно тестирање во случај некоја од земјите да бара ПЦР тест. И третиот податок е за соодветна количини на детектирани антитела како доказ за прележана болест ако некоја од земјите го бара за влез како параметар. Сертификатот ќе го издаваат матичните лекари, граѓаните ќе може да го симнат во својата апликација и да ги надградуваат податоците“, појасни Филипче на промоцијата на донација на брзи ковид тестови од Германската амбасада.
Во однос на тоа дали земјите членки на Европската Унија (ЕУ) ќе дозволат влез за вакцинирани со руската и со кинеската вакцина, министерот кажа дека сега е тешко да се каже каква ќе биде политиката на земјите членки, затоа што ги менуваат ставовите.
Б. НЕСТОРОСКА