ЛИЦАТА КОИ ПРЕЛЕЖАА КОВИД-19 ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО КОНСУЛТАЦИЈА СО СПЕЦИЈАЛИСТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

ЛИЦАТА КОИ ПРЕЛЕЖАА КОВИД-19 ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО КОНСУЛТАЦИЈА СО СПЕЦИЈАЛИСТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВООд почетокот на коронакризата во земјава се регистрирани 94.798 заразени, a оздравени се 83.999. (Фото: Ѓ. Личовски)

Лицата кои го прележаа коронавирусот, доколку сакаат да се вакцинираат истото ќе можат да го направат исклучиво во консултација со матичен лекар и специјалист, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Според Националниот систем за имунизација против ковид-19, во првата фаза ќе бидат вакцинирани здравствените работници кои работат со ковид пациенти и лица над 70 години, во втората фаза здравствените работници со умерен ризик, вработени во витални институции, лица над 65 години и помлади ако имаат коморбитети и во третата фаза ќе се вакцинираат сите други што сакаат.

Министерството вели дека врз основа на стручното мислење на матичниот лекар и на специјалистот, ако пациентот припаѓа во приоритетните групи, вакцинацијата ќе му биде прологирана во зависност од периодот во кој пациентот го прележал вирусот, односно периодот на заздравување.

„Од целосното закрепнување и повлекување на симптомите на пациентот, односно утврдување на добра општа здравствена состојба и отсуство на компликации и слични пост-ковид состојби, по од прилика еден месец истиот ќе може да ја прими вакцината“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче, на нашето прашање дали ќе има временска рамка за чекање.

Вакцинирањето ковид-19 ќе се закажува преку Мој термин, а неделава ќе биде објавена веб-страница на која граѓаните ќе може електронски да се пријавуваат со цел да им се олесни на матичните лекари, рече завчера Жаклина Чагоровска од Националниот електронски систем Мој термин.

„Досега се евидентирани 170 илјади граѓани над 70 години. Апелот е всушност, на оваа прва група граѓани над 70 години, пријавувањето вреку веб-страната и анкетирањето од страна на матичните лекари да го направиме тоа до крајот на овој месец. Да се завршат анкетите на овие граѓани со цел да може да се испланираат термините, односно да добиеме што поточна информација за да може да се планира и другиот дел од системот. Зборуваме за интегриран систем каде целосно ќе се следи евиденцијата на вакцинацијата, количните кои ќе се трошат, пријаувањето на пациентите“, вели Жаклина Чагоровска од Мој термин.

„Ова распоредување го правиме за кинеската вакцина. Секако дека како и за сите прегледи, и за вакцините ќе има можност да се откаже ако некој нема да сака да ја прими“, вели Чагоровска за тоа дали ќе може секој да бира која вакцина да ја прими.

Сѐ што ќе стигне како електронска пријава, нема да се појави како опција кај матичниот лекар, односно негова обврска да го контактира.

„Но, прво ќе почнеме со матичните лекари бидејќи првата категорија е онаа група граѓани кои се повозрасни кои не можат лично, или може да искористат со помош на своите деца или роднини да ги пријават. Но, сепак останува тоа и целта е да се побараат лично, за да не ги испуштиме“, рече Чагоровска на претставувањето на Националниот план.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го потпишa договорот за набавка на 200 илјади кинески вакцини што треба да стигнат овој месец.

Од почетокот на коронакризата во земјава се регистрирани 94.798 заразени, оздравени се 83.999, починати се 2.924, а активни случаи се 7.875.

Б. НЕСТОРОСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира