Македонското Министерство за здравство ќе го набави лекот против ковид-19 „молнупиравир“ од американската компанија „Мерк“, соопштија од кабинетот на министерот Венко Филипче. Оттаму додаваат дека исконтактирале со производителот на лекот и дека за кратко време ќе започнат преговорите за набавка.
Лекот „молнупиравир“е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто.
Од Министерството за здравство укажуваат дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат.
„Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет“, апелираат од Министерството.
Компанијата „Мерк“ на 11 октомври побара од американските здравствени власти да го одобрат нејзиниот лек против благи и умерени форми на ковид-19, што би било прво орално лекарство за оваа болест на светот. Агенцијата за храна и лекови (ФДА) на 14 октомври објави дека на 30 ноември е закажан состанок со надворешни експерти за да дискутираат за лекот на „Мерк“.
Според агенцијата „Асошиејтед прес“, тоа значи дека ФДА речиси сигурно нема да донесе одлука за лекот сѐ до декември. Со тоа даваат на знаење дека ќе спроведат детален преглед на безбедноста и ефективноста на лекот. Ова е првпат ФДА да ги свика своите стручни советници пред да донесе одлука за лекување на ковид-19.
Според податоците објавени во почетокот на овој месец, лекот ја намалува стапката на хоспитализација и смрт за 50% кај благо или умерено болни пациенти од ковид-19 кои имаат барем еден ризичен фактор.
Компанијата кажа дека склучила договор со американската влада за снабдување на 1,7 милиони терапии, по цена од 700 долари за терапија.
„‘Мерк‘ ќе произведе 10 милиони терапии до крајот на годината, а бројот ќе се зголеми во 2022“, соопшти компанијата. Оттаму кажаа дека ќе понудат и други цени на лекот и ќе соработуваат со фармацевтски компании за да се забрза достапноста на лекот во земјите со низок и среден приход.
Б. НЕСТОРОСКА