Најмал е бројот на заразени од ковид-19 во возрасната група до 9 години, т. е претшколска и школска возраст на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, стои во епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје.
Оттаму велат дека за 40 отсто е намaлена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август.
По дистрибуција по градови, во Скопје има 139 заразени основци, 70 средношколци, 72 студенти и 28 деца во претшколска возраст.
Во Куманово, има 5 заразени основци, 8 средношколци, 18 од академската популација и 3 деца во претшколска возраст. Штип 2 деца од претшколска возраст се ковид позитивни, 5 основци, 8 средношколци и 3 од академската популација. По 2 заразени деца од претшколска возраст има и во Велес и Ресен, и 1 е заразено во Прилеп.
Од популацијата во основно, во Велес и Ресен има по 5 ученици, 6 има во Струмица и Кавадарци, а 8 во Прилеп. Средношколци позитивни на ковид има 3 во Велес, 7 во Кавадарци, 4 во Прилеп и 2 во Струмица. И од академската популација заразени со вирусот се 6 во Велес, по 2 во Кавадарци и Прилеп и по 3 во Струмица и Ресен.
Министерката за образование и наука Мила Царовска секојдневно апелира дека ситуацијата со заразени во образованието е стабилна. На 17 септември рече дека изминатите три дена процентот на новозаразени со ковид-19 во училиштата е 0,01, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто од вкупно 240 илјади ученици. Царовска често потенцира дека податоците со заразени лица и лица во изолација се под надлежност на здравствените власти и дека посочување ученици и училишта не користи никому.
„Согласно овие податоци и намалената инциденца на ширење на вирусот, нема потреба од промена на моделот на настава“, велат од Комисијата за заразни болести.