НЕ МОЖЕМЕ СИТЕ ДА СТРАДАМЕ АКО НЕКОЈ НЕ СЕ ВАКЦИНИРА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ И НАЈАВИ МОЖНИ РЕСТРИКЦИИ ОД ЕСЕН

    НЕ МОЖЕМЕ СИТЕ ДА СТРАДАМЕ АКО НЕКОЈ НЕ СЕ ВАКЦИНИРА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ И НАЈАВИ МОЖНИ РЕСТРИКЦИИ ОД ЕСЕНМалолетниците од 12 до 17 години од вчера се вакцинираат во здравствените домови низ земјава. (Фото: К. Попов)

    Околу 500 деца на возраст од 12 до 17 години досега се вакцинирани против ковид-19, а пријавени се 1.800, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Имунизацијата на оваа возрасна група почна вчера во здравствените домови низ земјава, и тоа само со вакцината на „Фајзер“.

    По отворањето на реновирано крило на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Филипче повторно апелираше до граѓаните да се вакцинираат, за ако дојдат во контакт со вирусот, да не дојде до хоспитализација и смртни последици.

    „Не можеме сите да страдаме, ако некој не се вакцинира. Помалку од 500 илјади граѓани се вакцинирани, а далеку сме од бројката на колективен имунитет, за кој е потребно 80 отсто од населението“, кажа Филипче.

    Тој минатата недела најави дека се планира да се воведат рестрикции, како на пример, да се бара сертификат за примена вакцина за влез во кино сали или други јавни места.

    Министерот додаде дека изминатата недела се детектирани пет нови случаи на делта сојот на ковид-19, 3 во Скопје, и по еден случај во Куманово и Тетово. Во земјава има и други соеви и затоа единствен спас е вакцината, рече тој.

    „Граѓаните мора да се свесни дека тоа е начинот на кој ние може да ставиме крај. Доколку се соочиме со нов бран, размислуваме за некакви нови органичување, од септември, можеби октомври. Не можеме да живееме затворени“, кажа Филипче.

    Во земјава има 221 активен случај на коронавирус.

    Во моментов се прават анализи колку се вакцинирани вработени  во клучни сектори, како на пример, над 85 во здравството се вакцинирани, над 54 отсто во градинките и исто толку од вработените во училиштата.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира