НЕВАКЦИНИРАНА 28-ГОДИШНА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ОД КИЧЕВО ПОЧИНА ОД КОВИД-19

    НЕВАКЦИНИРАНА 28-ГОДИШНА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ОД КИЧЕВО ПОЧИНА ОД КОВИД-19Инфективната клиника пред извесен период го подготви вториот спрат за прием на пациенти од критичните градови Тетово, Кичево и Охрид. (Фото: К. Попов)

    Дваесет и осумгодишна медицинска сестра од Кичевската болница почина вчера по компликации од ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ. Директорката ни изјави дека пациентката не била вакцинирана против ковид-19, а немала други хронични болести.

    Според извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од Болницата во Кичево, пациентката од село Зајас, Кичевско, била лекувана кај нив, па била препратена за Скопје.

    Министерството за здравство вчера соопшти дека од 25 починати лица од ковид-19 од 6-12 август, ниеден не бил вакциниран. Од почетокот на коронакризата, според податоците до вчера, во земјава починаа 5.532 лица.

    „Од вкупно 3.497 пациенти коишто се дијагностицирани изминатите 7 дена, 3.047 се невакцинирани, што значи само 10% се вакцинирани и се позитивни и тие коишто се во болница и на лекување имаат прилично стабилна состојба. Она што охрабрува е дека од вкупниот број на вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани од околу 500.000 со прва доза, само 0.002% се заразиле, што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани и таа популација е прилично сигурна и обезбедена. Тоа е доказ дека вакцината е безбедна, тие граѓани немаат никакви компликации, дека е ефикасна очигледно, еве сега доказ дека е ефективна“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во Охрид.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира