Ниту еден од 25-те починати лица од ковид-19 во периодот од 6 до 12 август не бил вакциниран против вирусот, соопшти Министерството за здравство. Од почетокот на коронакризата во земјава по компликации од ковид-19 починаа 5.527 лица.
Од 6-12 август во земјава 3.497 граѓани се регистрирани за позитивни, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно само 12,8%. Во оваа анализа за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Голем процент, 87,1% или 3.047 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Од починатите 100% се невакцинирани.
„Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход“, апелира Министерството.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 571.392 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.808 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.574 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.033.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 462.192 граѓани.
Во земјава има 3.746 активни случаи на ковид-19, од кои најмногу во Скопје и Тетово.
Б. НЕСТОРОСКА