ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО „А1 АРЕНАТА БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

    ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО „А1 АРЕНАТА БОРИС ТРАЈКОВСКИ“Во земјава граѓаните се вакцинираат со „Фајзер“, „АстраЗенека“, „спутник“ и со кинеската вакцина. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пратениците од Собранието в петок ќе се вакцинираат против ковид-19 во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје, соопшти Министерството за здравство. Вакцинацијата на пратениците ќе се одвива во три групи, односно од 10 до 18 часот.

    Пратениците, вели Министерството, се дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за ковид имунизација. На 14 април биле вакцинирани собраниските служби.

    „Вакцинирањето на пратениците и вработените во Собранието е од клучна важност за нормално функционирање на законодавниот дом и непречено носење на закони во интерес на граѓаните. Од почетокот на имунизацијата во нашата земја, согласно Националната стратегија таргетирани се три главни приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт, како и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, вели Министерството.

    Во земјава граѓаните се вакцинираат со „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Спутник“ и со кинеската вакцина. Во „А1 арената Борис Трајковски“ во тек е вакцинација на возрасни лица од 73 и 74 години, а во здравствените домови низ државата се вакцинираат лица постари од 73 години.

    Според најавите, на 26 април треба да стигнат уште 10.000 дози од „Фајзер“, а околу 28 април треба да стигнат 200.000 кинески вакцини.

    „Веќе следната недела со доаѓањето на нови дози вакцини ќе има измена на приоритизација и преминување на приоритетните или субприоритетните групи од една во друга фаза на вакцинација“, додаваат од Министерството.

    Во земјава досега се вакцинирани 44.974 граѓани, а пријавени се 192.459 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира