ПЦР ТЕСТОВИТЕ ДА ГИ ПЛАЌА РАБОТОДАВЕЦОТ, ДОГОВОРИ ФИЛИПЧЕ СО СИНДИКАТИТЕ, ЌЕ ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ПЦР ТЕСТОВИТЕ ДА ГИ ПЛАЌА РАБОТОДАВЕЦОТ, ДОГОВОРИ ФИЛИПЧЕ СО СИНДИКАТИТЕ, ЌЕ ОДЛУЧИ ВЛАДАТААко вработениот одлучи да се вакцинира, ќе добие два слобдони платени денови. - Детаљ од антиваксерски протест пред Собранието на 18 септември годинава (Фото: Ѓ. Личовски)

    Работодавецот, а не вработениот да го плаќа ПЦР тестот ако тој не сака да се вакцинира против ковид-19, а вработениот во јавните и приватни установи да добие два слободни платени денови ако се вакцинира, договорија вечерва министерот за здравство Венко Филипче со претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

    За овој предлог, како и предлогот за задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници ќе се одлучува на утрешната седница на Влада.

    Комисијата за заразни болести на 17 ноември препорача задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници и препорака за вакцина за вработените во јавниот сектор и локална самоуправа за да може да одат на работа. Филипче тогаш кажа дека препораката за вработените во државните институции се однесува на примена најмалку една вакцина, или негативен ПЦР тест, еднаш неделно на сопствен трошок, или потврда за прележан ковид , или потврда од лекар специјалист дека не се препорачува вакцината, поради имунозагрозувачки болести.

    Филипче кажа дека од Синдикатите побарале од денот на донесување на одлуката, да се дадат 15 денови за да почне да се применува, со цел да се остават денови за едукација на членството во синдикатите. Одлуката за здравствените работници би важела по 30 дена од донесувањето.

    Министерот додаде дека во земјава не е детектиран “делта плу“с сојот на ковид-19, кој прави уште повеќе проблеми. Тој рече дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%.

    Вакви, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира