РАСТЕ БРОЈОТ НА ПОСТКОВИД КОМПЛИКАЦИИ КАЈ ДЕЦА, ВЕЛИ Д-Р СОФИЈАНОВА

    РАСТЕ БРОЈОТ НА ПОСТКОВИД КОМПЛИКАЦИИ КАЈ ДЕЦА, ВЕЛИ Д-Р СОФИЈАНОВАВо групата на деца до 9 години за изминатата недела има зголемување на заболени од ковид за 50,5 отсто. (Фото: К. Попов)

    Праксата покажува дека глобално е зголемен бројот на деца со воспаление на слепо црево, дека има зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања како постовид состојба, вели директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова. Ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со ковид-19, потенцира д-р Софијанова, која е и претседателка на Здружението на педијатри, а говореше на една од неделните онлајн дискусии на Лекарската комора.

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вчера соопшти дека во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 години каде што има зголемување за 50,5% и кај возрасната група од 10-19 години каде што има зголемување за 8,2%.

    Д-р Софијанова вели дека вирусот ковид-19 кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија. Но, неопходно е секој случај внимателно и претпазливо да се следи и ако се забележи влошување на здравствената состојба и има покачена температира повеќе од 3 дена, да се направат дополнителни испитувања кои би укажале на посериозни синдроми и состојби, како што е мултисистемски инфламаторен синдром.

    „Кај децата, ковид-19 обично е благ и се лекува со симптоматска терапија. Но, ако состојбата се влошува и фебрилноста трае повеќе од три дена, треба да се размислува и за дополнителни испитувања бидејќи во ретки случаи, децата можат да бидат сериозно погодени, а клиничките манифестации може да се разликуваат од возрасните. Во април 2020 година, извештаите од Обединетото Кралство документираа презентација кај деца слична на нецелосна Кавасаки болест или синдром на токсичен шок. Оттогаш, има извештаи за слично погодени деца во други делови на светот. Состојбата е наречена мултисистемски инфламаторен синдром кај деца“, рече д-р Софијанова.

    Мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 39 степени па и 40 степени која трае повеќе денови и која не се спушта со антипиретици.

    „Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви“, вели д-р Софијанова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира