ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО МАКЕДОНИЈА СЕ 94 ОТСТО ЕФИКАСНИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ СМРТ ОД БОЛЕСТА, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО МАКЕДОНИЈА СЕ 94 ОТСТО ЕФИКАСНИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ СМРТ ОД БОЛЕСТА, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕОпфатот со вакцинација со една доза вакцина, до 27 ноември, на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ефективноста во спречување смрт од ковид-19 на примени две дози вакцина од било кој производител  изнесува 94.064% во Македонија, стои во истражувањето на д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство на Македонија. Според истражувањето кое го објави Министерството за здравство, сите вакцини во земјава покажале висока ефективност, над 91 отсто во спречување смрт од ковид-19.

    Извор: Министерство за здравство

    „Овие резултати ги потврдуваат наодите во останатите популации, потврдувајќи дека вакцините против ковид-19 се високоефективни и во македонската популација во спречување тешка болест и смрт од ковид-19. Вакцините од различните производители немаа големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од ковид-19, имаа разлики во спречување хоспитализација од овој вирус“, стои меѓудругото во заклучокот на истражувањето.

    Во текот на истражувањето, за кое од Министерството велат дека Бабачиќ и Чагороска го вршат на доброволна волонтерска основа, дошле до резулат дека од вкупно 3,947 регистрирани смртни случаи на ковид-19 во периодот 15.01.2021-30.09.2021, 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712,587 лица кои биле целосно вакцинирани (0.0251%), додека 3,642 смртни случаи беа регистрирани кај 1,106,574 индивидуи кои биле невакцинирани (0.329%).

    „Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 92.39 отсто. Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеа и врз ризикот од смрт од ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имаа речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имаа околу 28% поголем ризик од жените да починат од ковид-19.  По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 94.064%“, велат Бабачиќ и Чагороска.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина до 27 ноември на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира