ЗА ОПЕРАЦИЈА НА ДРЖАВНО, ПАЦИЕНТИТЕ МОРААТ ДА НАПРАВАТ КОВИД ТЕСТ ПРИВАТНО

    ЗА ОПЕРАЦИЈА НА ДРЖАВНО, ПАЦИЕНТИТЕ МОРААТ ДА НАПРАВАТ КОВИД ТЕСТ ПРИВАТНОМатичните лекари не можат да закажат тестирање бидејќи според алгоритамот пациентите треба да имаат симптоми или да биле во контакт со позитивно лице.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Пациентите на кои им е закажана операција во државните болници и клиники, мораат да направат ковид тест приватно. Докторите при закажување на хируршка интервенција им велат на пациентите дека пред да дојдат на операција треба да донесат негативен тест. Но, матичните лекари не можат да им закажат тестирање на државна сметка бидејќи според алгоритамот треба да имаат симптоми,и ли да биле во контакт со позитивно лице, или да се дојдени неодамна од странство.

    „Откако пред неколку дена беше најавено дека почнува со закажување на термини за прегледи и интервенции преку ‘Мој термин‘, се зголеми бројот на пациенти кои бараат од нас да им закажеме тестирање бидејќи не можат да се оперираат без негативен тест. Но, ако немаат симптоми не го поминуваат алгоритамот. За да не плаќаат пациентите приватно треба да се промени алгоритамот и да се дозволи тестирање на државна сметка за закажана хируршка интервенција“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК матични лекари.

    Овој проблем постои уште од стартот на епидемијата кога за секоја хируршка интервенција за бараше негативен ковид тест, но од Министерството за здравство не го сменија алгоритамот.

    Од Министерството за здравство на нашето прашање зошто на пациентите за операција им се бара негативен ПЦР тест одговорија дека лекарот прави проценка дали тест е потребен или не.

    „Лекарот од здравствената установа прави проценка за потребата од ПЦР тестирање за пациент за хоспитализација. Пациентите со потреба од итна хоспитализација се хоспитализираат во посебна просторија за изолација, без тест кој потоа се прави од болницата непосредно пред потребната интервенција“, ни одговорија од кабинетот на министерот Венко Филипче. Од таму не одговорија каква е процедурата за операции кои се закажуваат, но не се итни.

    Од почетокот на пандемијата до 30 јули во земјава во приватните лаборатории се направени 61.236 тестови. Најмногу се направени во приватните болници „Жан Митрев“ 19.842,  и „Систина“ 14.842, па потоа во лабораториите „Биотек“ 14.029, „Авицена“ 11.881 и „Лаор“ 642. Цената на ПЦР тест е различна во секоја приватна болница или лабораторија и се движи од 3.000 до 4.200 денари. Но, граѓани кои се јавија во нашата редакција велат дека во дел од приватните болници плаќаат и по 12.000 денари, доколку сакаат да го направат веднаш и резултатите да им бидат готови за неколку часа, односно да не чекаат по неколку денови.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека прегледите и интервенциите од електронскиот систем „Мој термин“ ќе бидат достапни и за лицата на кои им беа одложени интервенциите поради ковид-19 и на новите пациенти. Термините ќе им се закажуваат согласно листата на чекање кај соодветен доктор и како што биле одложувани интервенциите, таква ќе биде и динамиката.

    „Веќе се направени списоци пред сè во институциите каде што се собирани повеќе пациенти, со хронични заболувања, каде се одложуваа интервенциите и еден дел од капацитетите ќе им биде посветен на нив, согласно листата на чекање кај соодветниот доктор. Тој ќе има обврска да направи еден дел за интервенциите само за овие пациенти, друг дел за новите“, рече Филипче.

    А. АНТЕВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира