2.600 ЕВРА ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ НА ПАЦИЕНТ СО КОВИД-19, 5.700 ЕВРА ЗА БОЛНИ НА РЕСПИРАТОР

2.600 ЕВРА ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ НА ПАЦИЕНТ СО КОВИД-19, 5.700 ЕВРА ЗА БОЛНИ НА РЕСПИРАТОРВо секој случај, ковид-19 е скапа болест, а според првичните анализи кои ги направивме со Инфективната клиника, просечниот болнички ден за пациент на клиниката чини 11.750 денари, велат од Фондот за здравство; - Брза помош носи болни во болницата „8 Септември“ во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

Околу 200 евра чини еден ден болничко лекување на пациент со ковид-19, додека болен приклучен на респиратор над 4 дена ја чини државата 5.700 евра. Ова се податоци кои дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) врз основа на првичните анализи кои ги направиле за лекување на пациентите од почетокот на пандемијата до сега.

Од Фондот за здравство велат дека немаат точни бројки колку досега ја чини државата лекувањето на вирусот ковид-19,  бидејќи станува збор за нова болест која ја нема во ценовникот на здравствените услуги (ДРГ). Болниците поради тоа не знаат како да ги фактурираат трошоците за лекување на пациентите и затоа добиваат нереални фактури.

Ковид-19 се смета за вирусно заболување и во ценовникот на Фондот за здравство, лекување на вирусно заболување чини 26.601 денари. Оваа цена од 26.601 денар е без разлика колку дена пациентот лежи во болница. Но, ковид-19 не може да се пресметува според оваа цена, бидејќи од досегашното искуство констатирано е дека лекувањето на позитивните пациенти во болнички услови чини многу повеќе.

„Цената од 26.601 денари за цело лекување на пациент со ковид-19 е нереална. Но, станува збор за нова болест со која никој од нас не беше запознаен досега, па затоа потребно беше време да се утврди точно колку чини лекувањето. Во секој случај, станува збор за скапа болест и според првичните анализи кои ги направивме со Инфективната клиника, просечниот болнички ден за пациент на клиниката чини 11.750 денари“, велат од Фондот за здравство.

Досега, според податоците од Министерството за здравство, во болница се лекувале 2.776 пациенти, а во просек во болница се лекуваат 12 дена. (Фото: СДК.МК)

За да можат болниците соодветно да му фактурираат на Фондот за лекување на пациентите, тим од ФЗОМ и Инфективната клиниката работи на формирање цена според болнички денови. Како што објаснуваат од Фондот, цената нема да биде фиксна како што е сега за вирусно заболување, туку ќе биде во зависност од тоа колку денови пациентот е во болница. Првите пет дена лекувањето е најскапо, тогаш се прават тестовите, се определува терапијата. Ќе има цена за првите пет дена, потоа ќе следи цела од шести до десети ден, па од единаесетти до петнаесетти ден итн. Според првичните анализи, првите пет дена лекување во болница чинат околу 55.000 денари, за наредниот период цената се намалува на 30.000 денари односно на 20.000 денари од единаесетти до петнаесетти ден.

Посебно во лекувањето на пациентите е цената за оние кои биле приклучени на респиратор. Според ценовникот на Фондот за здравство, приклучување на пациент на респиратор над 4 дена чини 350.750 денари или 5.700 евра. Оваа цена е според актуелниот ценовник и важи и за случаите со ковид-19. Во овој дел нема да има измени.

Досега, според податоците од Министерството за здравство, во болница се лекувале 2.776 пациенти. Според статистиките на Фондот за здравство, во просек пациентите во болница се лекуваат 12 дена. Доколку еден болнички ден чини 11.750 денари, а во просек лекување во болница трае 12 дена, тогаш пациент болен од ковид-19 ја чини државата 2.400 евра. Ако изминативе 6 месеци во болница се лекувале 2.776 пациенти тогаш вкупно лекувањето чини околу 6,6 милиони евра.

Во оваа цена не влегуваат пациентите на респиратор. На Фондот за здравство до крајот на јуни им е фактурирано лекување на респиратор за 52 пациенти, и тоа седум на Инфективна клиника и 45 во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“. Тоа значи дека дека лекувањето на респиратор до крајот на јуни чини околу 350.000 евра.

Досега во земјава на државно се направени 87.026 тестови, а тестирањето ја чини државата околу 5 милиони евра. (Фото: Ѓ. Личовски)

Во пресметките колку чини лекување од ковид-19, влегува и цената за направените ковид тестови. Досега, односно до 30 август, во земјава на државно се направени 87.026 тестови. Референтната цената на еден тест која ја исплаќа Фондот за здравство на болниците и установите каде се врши тестирање е 3.600 денари. Тоа значи дека од почетокот на пандемијата досега тестирањата чинат 313.293.600 или околу 5 милиони евра.

Од Фондот за здравство објаснуваат дека при формирање на цената се влезени сите трошоци за извршување на овие здравствени услуги, како што се труд на медицинскиот персонал, трошоци за медицински и
друг материјал, трошоци за одржување на апаратите и просториите, како и режиските трошоци. Во конкретниот случај, тоа значи дека во оваа цена од 3.600 денари не е само цената на тестот. Но, бидејќи голем дел од тестовите се добиени како донација сумата од 5 милиони евра не е реална, односно таа ќе биде далеку помала бидејќи Фондот нема да им префрли пари за тестовите кои се донирани.

Број на направени тестови во државните лаборатории во овој период:

Институт за јавно здравје (ИЈЗ) – Вирусологија: 68.278
Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје: 1.870
МАНУ: 10.972
Ветеринарен факултет: 755
Судска медицина: 459
Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Битола: 3.295
Инфективна клиника: 759
Клиника за гинекологија: 638

Од почетокот на епидемијата на коронавирусот досега, во земјава ковид дијагностицирани се 14.600 лица, од кои починати се 606, оздравени се 11.741, а во моментов активни се 2.253.

Во моментов, во болница се лекуваат 290 пациенти со ковид-19, а само еден пациент е приклучен на респиратор.

А. АНТЕВСКА 


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира