ЗАСЕГА НЕ ЈА МЕНУВАМЕ ОДЛУКАТА ЗА СТАРОСНАТА ГРАНИЦА ЗА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ КАКО ГЕРМАНИЈА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЗАСЕГА НЕ ЈА МЕНУВАМЕ ОДЛУКАТА ЗА СТАРОСНАТА ГРАНИЦА ЗА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ КАКО ГЕРМАНИЈА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕСо „АстраЗенека“ во земјава се вакцинираат лица над 60 години. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Засега нема промена на одлуката вакцината на „АстраЗенека“ да се дава на помлади лица од 60 години, рече денеска министерот за здравство откако Германија вчера одлучи оваа вакцина да биде достапна на сите кои имаат над 18 години. Германија беше меѓу првите земји кои го ограничија вакцинирањето со „АстраЗенека“ на лицата над 60 години, откако таа беше поврзана со ретки случаи на тромбоза. Сепак, европските регулатори заклучија дека вакцината е безбедна и ефективна и дека придобивките ги надминуваат ризиците.

    Токму одлуката на германските здравствени власти, а потоа и на Канада, беше директен повод и Македонија да донесе слична одлука и да ја ограничи „АстраЗенека“ на лица над 60-годишна возраст.

    „Утрово разговарав со нациналниот координатор за имунизација и со повеќе експерти и одлучиме дека ќе се следат уште анализи. Не се следи само примерот во Германија, туку и Канада, Франција, Италија, ќе се анализираат други публикации“, одговори министерот на прес-конференција во Владата, на која даде резиме за изградбата на новиот Клинички центар во Скопје.

    Уште не е познато колку македонски граѓанки и граѓани од околу 15-те илјади што се вакцинираа во Србија со „АстраЗенека“ кон крајот на март се под 60 години, но српскиот министер за здравство Златибор Лончар на 20 април изјави дека „најмалку што Србија може да направи за нив е да ги ревакцинира таму каде што ја примиле вакцината“, ако македонските здравствени власти и натаму опстојуваат на ставот да не вакцинираат со оксфордската вакцина помлади од 60 години.

    Во Србија нема старосно ограничување за вакцината на „АстраЗенека“.

    На новинарско прашање зошто државава нарачала 500.000 вакцини на кинеската „Синовак“, за која последните информации велат дека е 50 отсто ефикасна, Филипче кажа дека последните истражувања покажуваат над 70 отсто ефикасност.

    „Се одлучивме за оваа вакцина затоа што не постои друга која може за толку брзо време и во толкава количина да стигне во нашата земја. Секаде стигнуваат дел по дел, побарувачката е огромна, а сакаме пред летото да се извакцинираат што е можно повеќе граѓани“, рече Филипче.

    Министерот најави дека следната недела ќе се отворат пунктови за масовна имунизација во Велес, Прилеп и во Струмица.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира