ПАРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ОДАТ ЗА ИЗРАБОТКА НА ЕЛАБОРАТИ, ИСТРАЖУВАЊА И СТУДИИ

    ПАРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ОДАТ ЗА ИЗРАБОТКА НА ЕЛАБОРАТИ, ИСТРАЖУВАЊА И СТУДИИГрадоначалниците објаснувата дека овие ставки мораат да постојат во буџетите за животна средина, но со програми во другите сектори од буџетите на општините се одвојуваат значителни средства за здрава животна средина и чист воздух. - Поглед на Скопје од Водно (Фото: СДК.МК)

    Најголем дел од парите од буџетите за животна средина на општините изминативе години одат за изработка на елаборати, студии, истражувања, проекти и планови, покажа истражувањето во рамки на проектот „Зелена база“. Исклучок се средствата за експропријација и субвенции, но тие драстично варираат од година во година.

    Според анализата на буџетот на Град Скопје, 5 милиони денари ќе се потрошат за изработка на експертиза за утврдување на границите на изворот Рашче и определување на мерки за заштита, по 3 милиони денари за изработка на Локален еколошки акционен план, изработка на Студија за подземни води на Скопскиот регион, изработка на техничка документација за разрешување на проблемот со пороите од Скопска Црна Гора и за проширување на испитувањата на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот. За анализи и испитувања на алтернативни извори на водоснабдување Кадина Река, Патишка Река и извор Врело во буџетот се предвидени 2,5 милиони денари а 2 милиони денари за проширени испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото како средство за затоплување, како и за изработка на карта на биотопи за Скопскиот регион.

    И градоначалниците на скопските општини, на Битола, Стумица и Велес, исто така значителни средства издвојуваат за изработка на студии и мониторинг на загадување на воздухот, водата, почвата и слично, изработка на стратегија за заштита на животната средина, ангажирање на консултанти за проекти, за мерење бучава и чадни гасови, ангажирање на комисија за разгледување на елаборати за заштита на животна средина, за изработка на катастар на загадувачи.

    Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов, објаснува дека овие ставки мораат да постојат во буџетите за животна средина, но со програми во другите сектори од буџетите на општините се одвојуваат значителни средства за здрава животна средина и чист воздух.

    „Елаборатите и студиите мораат да постојат за да се креираат идните политики. Токму од испитувањата за загадувањето на воздухот од сообраќајот и затоплувањето, добивме податоци врз кои ги креираме идните стратегии во борбата за здрава животна средина и чист воздух. Ако го анализирате буџетот за животна средина ќе видите дека во него нема ставка за преземање на топловодната мрежа и процесот на гасификација, проекти за кои Градот одвојува пари, а беше формирано и јавно претпријатие Градски енергетски системи, кои ќе придонесат во голема мера за намалување на загадувањето. Во Скопје само 24 отсто од домаќинствата се покриени со топловодна мрежа, останатите 76 отсто немаат алтернатива освен индивидуално да ги затоплуваат домовите. Работиме оваа слика да се промени“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

     


    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари