КИСЕЛА ВОДА СО НАЈГОЛЕМО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ЦЕНТАР СО НАЈМАЛО

    КИСЕЛА ВОДА СО НАЈГОЛЕМО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ЦЕНТАР СО НАЈМАЛОСпоред податоците од буџетите за животна средина во 2018 и 2017 година најголемо зголемување на издвоени пари во проценти во однос на лани има во Општина Кисела Вода и тоа 366 отсто, а речиси исто како претходната година се предвидени средства во Општина Центар односно зголемувањето е само 3 проценти. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалниците на скопските општини оваа година одвоиле повеќе пари за заштита на животната средина за разлика од нивните претходници во 2017 година, покажа истражувањето во рамките на проектот „Зелена база“.

    Во некои општини зголемување е значително во однос на лани, во дел е минимално. Но, и покрај тоа мерните станици во Центар, Карпош, Аеродром покажуваат високо присуство на ПМ10 честички во воздухот.

    Според податоците од буџетите за животна средина во 2018 и 2017 година најголемо зголемување на издвоени пари во проценти во однос на лани има во Општина Кисела Вода, а речиси исто како претходната година се предвидени средства во Општина Центар.

    Општина Кисела Вода во 2017 година во ставката заштита на животната средина имала предвидено 600.000 денари а за оваа година 2.800.000 денари или во проценти зголемувањето е 366 отсто. Но ако се спореди со вкупниот буџет на Општината, тогаш процентот на одвоени пари за оваа намена е далеку под оној што го бараат невладините организации и граѓанските здруженија од 3,5 отсто. Во 2018 година ставката животна средина е 0,2 проценти од вкупниот буџет, а во 2017 година била само 0,05 отсто од целиот буџет на Општина Кисела Вода.

    Зголемување во ставката за животна средина за 174 отсто во однос на лани има во Општина Ѓорче Петров. Во 2017 година Општината за животна средина предвидела 1.200.000 денари додека во 2018 година 3.293.000 денари. Од вкупниот буџет на Општината за оваа намена лани биле предвидени 0,3 отсто, а оваа година 0.5 отсто од средствата.

    „Проблематиката од областа на животната средина се третира во повеќе програми во буџетот на Општината, како што е изградба на фекална канализација, изградба на водоводна мрежа, јавна чистота, делови од програмите за уредување на градежно земјиште, како и самата програма за животна средина. Во рамките на програмата за животна средина претежно се планира изработка на студии и мониторинг на загадување на воздухот, водата, почвата и слично, како и изработка на нова Стратегија за заштита на животната средина, бидејќи старата стратегија важеше до 2017 година“, велат од кабинетот на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски.

    Општина Гази Баба годинава за мерки и проекти за животна средина има предвидено 6.200.000 денари, што е значително зголемување во однос на лани од 87 отсто кога биле одвоени 3.300.000 денари. Од вкупниот буџет на општината за оваа година тоа е 0,5 отсто, а лани овој процент бил 0,2 отсто.

    Новото раководство на Општина Карпош пак има зголемување во распределба на парите за оваа намена од 120 проценти. Лани за заштита на животна средина биле издвоени 2.500.000 денари, а годинава 5.500.000 денари, што е 0,3 проценти од вкупниот буџет за 2018 година, односно 0,1 процент во 2017 година.

    „Општина Карпош за 2018 година има предвидено средства за тековно одржување на хигиената (плати на работници, амортизација, набавка на опрема и механизација за собирање на отпад), како и финансии за одржување и засадување на нови садници и зеленило. Во првиот дел од годината се засадија 113 нови, високи дрвја, а есенва ќе бидат засадени уште нови 200 дрвја, рамномерно по сите населби. Покрај тековното одржување на хигиената, оваа година Општина Карпош додели и субвенции за купување на велосипеди и тоа во два наврати. Во првата фаза се одвоија 300 илјади денари, а поради големиот интерес, Советот на Општина Карпош донесе одлука за нова етапа на субвенции и се одвоија дополнителни средства во износ од 360 илјади денари“, велат од кабинетот на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

    Од Општината велат тие на оваа проблематика работат и со граѓанските организации на проекти за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина. Станува збор за повеќе проекти кои се спроведуваат на територија на Општината, како и во основните училишта, а се однесуваат на важноста од селекција на отпадот и негово паметно искористување односно преработка.

    Општина Аеродром лани за животна средина имаше предвидено 950.000 денари, а оваа година 1.100.000 денари или 15 отсто повеќе. Споредено со вкупниот буџет тоа е 0,1 проценти во 2018 година, односно 0,08 проценти во 2017 година.

    Градоначалникот Златко Марин како и неговите колеги градоначалници вели дека мерките кои ги преземаат за чист воздух и здрава животна средина не влегуваат само во оваа ставка и додава дека годинава за прв пат Општината дели субвенции на домаќинствата за купување на печки на пелети. Марин објаснува дека со подпрограми за животна средина и мерки за загадување се одвоени 20 милиони денари.

    „Оваа област беше комплетно запоставена од претходното раководство. Со цел да ги заштитиме најмладите набавивме прочистувачи за воздухот за што одвоивме еден милион денари. Воведовме нова мерка, субвенции за набавка на печки на палети за што се предвидени 560.000 денари и оваа сума ќе расте доколку има интерес од граѓаните. Работиме и на зголемување на зеленилото, набавивме 1.800 нови високо израснати садници и имаме предвидено 4 нови паркови“, вели градоначалникот Марин.

    Најмало зголемување на парите за животна средина во однос на лани има во Општина Центар. Новиот градоначалник Саша Богдановиќ за оваа намена одвоил 300.000 денари или три проценти повеќе од неговиот претходник Андреј Жерновски. Но, затоа пак, за кошаркарскиот клуб „Работнички“ Општината оваа година даде дури пола милион евра.

    Во буџетот за 2017 година во ставката заштита на животна средина биле предвидени 6.600.000 денари или 0,36 отсто од вкупниот буџет, а за оваа година 6.900.000 денари или 0,38 отсто.

    „За 2018 година парите се или допрва ќе бидат искористени за печатење на промо материјали, ангажирање на консултанти за проекти, за мерење бучава и чадни гасови, ангажирање на комисија за разгледување на елаборати за заштита на животна средина. Потоа, предвидени се средства за изработка на Локален Еколошки Акционен План 2, Изработка на катастар на загадувачи, проект за селекција на отпад, едукација за одржлив развој, комунални еко патроли, евиденција на зеленило, присуство на семинари и на меѓународни конференции, проектот‚ Цел Центар на точак‘ и субвенции за печки на пелети“, велат од кабинетот на градоначалникот Богдановиќ.

    А. АНТЕВСКА

     


    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари