БИТОЛА СО НАМАЛЕН БУЏЕТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, СТРУМИЦА И ВЕЛЕС СО ЗГОЛЕМЕН

    БИТОЛА СО НАМАЛЕН БУЏЕТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, СТРУМИЦА И ВЕЛЕС СО ЗГОЛЕМЕНСпоред буџетите за животна средина новите градоначалници на Општините Струмица Коста Јаневски и на Велес Аце Коцевски, одвоиле повеќе пари за оваа намена, додека градоначалничката на Битола Наташа Петровска во оваа ставка има предвидено за 50 отсто помалку пари за разлика од нејзиниот претходник Владимир Талевски. (Фото: СДК.МК)

    Битола, Струмица, Велес, Тетово се градовите покрај Скопје кои секоја зима имаат високо аерозагадување. Тетово години наназад беше меѓу најзагадените градови во Европа. Но, минатата зима високо ниво на ПМ10 честички беа регистрирани и во Битола, Велес и Струмица.

    Според буџетите за животна средина, анализирани во рамките на истражувањето „Зелена база“, новите градоначалници на Општините Струмица Коста Јаневски и на Велес Аце Коцевски, одвоиле повеќе пари за оваа намена, додека градоначалничката на Битола Наташа Петровска во оваа ставка има предвидено помалку пари за разлика од нејзиниот претходник Владимир Талевски.

    Во буџетот за животна средина на Општина Битола лани биле предвидени 6.000.000 денари, додека оваа година со основниот буџет во оваа ставка немало пари, па со ребалансот биле издвоени 3.000.000 денари. Тоа во споредба со мината година е за 50 отсто помалку средства. Споредбено со вкупниот буџет лани процентот за животна средина бил 0,3 отсто, а годинава 0,1 отсто.

    Од Општината велат дека за 2018 е вложувано во инфраструктурни проекти кои се опфатени со други ставки во буџетот кои придонесуваат за подобрување на животната средина. Вложени се околу 3,3 милиони денари за пречистителна станица со колекторски систем за собирање на отпадните води од Потпелистерието, Трново-Магарево, потоа 20 милиони денари за водовод и канализација во село Лавци, промена на азбестни цевки на фреквентни улици и други проекти.

    „Со проектот гасификација на Битола во тек е пренамена на тендерската документација. Морам да нагласам дека добивањето на потребната документација не се прави преку ноќ и за тоа е потребно време, така што активно се работи и на овој клучен проект за Битола, кој треба на градот да му донесе намалено загадување на воздухот. Кога сме кај загадувањето, една од мерките е штп битолчани повторно ќе можат да уживаат во благодетите на Пелистер, со тоа што до крајот на годинава ќе бидат ослободени од плаќање на влезници“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

    Општина Велес во буџетот за животна средина за оваа година има предвидено 8.150.000 денари, а лани биле издвоени 5.850.000 денари, што е зголемување од 39 отсто. Кога ќе се спореди со вкупниот буџет лани тоа во проценти било 9,7 отсто а годинава 14,8 отсто.

    Од кабинетот на градоначалникот Аце Коцевски велат дека за подобрување на животната средината одвојуваат средства и во други програми како што се ставките управување со отпадни и управување со отпадоци.

    За 58 отсто во однос на лани зголемен е буџетот за животна средина на Општина Струмица. Во оваа ставка лани биле предвидени 2.050.000 денари односно 0,17 отсто од вкупниот буџет, а годинава 3.250.000 денари или 0,29 отсто.

    Од кабинетот на градоначалникот Коста Јаневски велат дека значителни средства од буџетот се одвоени за други проекти кои влијаат на животната средина а не се влезени во оваа ставка, канализациони системи, водоводни системи, заштита на биодиверзитетот, изградба на нови паркови, одржување на јавни зелени површини, изградба на тротоари, постапување со отпад, набавка на мониторни станици за мерење на квалитетот на воздухот.

    А. АНТЕВСКА

     


    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари