ПРОЦЕНТОТ ОД 1,8 ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ОД ВКУПНИОТ БУЏЕТ НЕ Е РЕАЛЕН, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ПРОЦЕНТОТ ОД 1,8 ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ОД ВКУПНИОТ БУЏЕТ НЕ Е РЕАЛЕН, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕМерните станици и мобилните апликации за следење на загадување над дозволено ниво покажуваат не само во зима, кога е во ек грејната сезона, туку и во одредени денови и во пролет и лето. (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Македонија е на врвот на листата на најзагадени земји во Европа и светот. Мерните станици, онаму каде што ги има или каде не се расипани, почнаа да покажуваат висока концентрација на ПМ10 честички во воздухот.

    Новите градоначалници веќе една година ја извршуваат функцијата. Во предизборната кампања една од главните ветување пред граѓаните им беа итни мерки против аерозагадувањето. На митинзите велеа дека потребата од чист воздух е нивна света должност и обврска. Ги прифаќаа и потпишуваа барањата на невладините организации и активистите, во кои тие бараа буџетите за заштита на животна средина да бидат 3,5 отсто од вкупниот буџет и мерките против аерозагадувањето да бидат меѓу нивните приоритети.

    Во рамки на истражувањето „Зелена база“, САКАМДАКАЖАМ.МК направи анализа колку пари новите градоначалници предвиделе во буџетската ставка за заштита на животната средина, дали има зголемување или намалување во споредба со парите кои ги издвојуваа нивните претходници, кои во предизборието ги критикуваа дека не преземаат ништо за решавање на овој проблем. Дали според парите кои се одвоени исполнето е барањето на активистите повеќе пари да се одвојат за проекти кои ќе го намалат загадувањето и кои се новите мерки или проекти кои тие ги презеле.

    Скопје е на прв на листата кој секоја зима има висока концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Мерните станици и мобилните апликации за следење на загадување над дозволено ниво покажуваат не само во зима, кога е во ек грејната сезона, туку и во одредени денови и во пролет и лето.

    Во основниот буџет на Град Скопје за 2018 година во ставката заштита на животната средина предвидени се 122.500.000 денари, што е за 0,3 проценти повеќе од парите кои за оваа намена беа предвидени во буџетот за 2017 година-110.450.000 денари. Со ребалансот на буџетот за оваа година парите се намалени и тој изнесува 111.205.000 денари. Во 2017 година пак со измените и дополнувањата на буџетот во оваа ставка намалувањето на средствата беше поголемо односно беа скратени 62.286.000 денари и тој изнесуваше 48.164.000 денари.

    Споредбено со вкупниот буџет на Град Скопје за 2018 година не се исполнети барањата на активистите и невладините организации за оваа намена да се одвојат најмалку 3,5 отсто од буџетските пари. Во 2018 година тој процент е 1,8 отсто, а во 2017 година бил 1,5 отсто.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов лани презентирајќи го овогодинешниот буџет рече дека во него најмногу внимание посветиле на проекти за заштита на животната средината и дека таа ставка е 4,2 проценти од вкупниот буџет, што е повеќе и од барањата на невладините организации.

    Процентот од 1,8 отсто што се добива кога ќе се спореди буџетот за заштита на животната средина со вкупниот буџет, градоначалникот Шилегов вели дека не е реален бидејќи не можат само проектите кои се во оваа ставка да се земаат предвид кога станува збор за заштита на животната средина. Исто така смета дека не треба да се прават споредби на целиот буџет, бидејќи во него влегуваат блок дотации од централната власт наменети за средните училишта, јавните културни институции а тоа е речиси 25 отсто од буџетот. Реалниот буџет на Град Скопје за 2018 година без дотации изнесува 4.614.000.000 денари што значи дека процентот за животна средина би бил 2,65 посто, а ако се земат останатите проекти кои не се во оваа ставка парите одвоени за животна средина се многу повеќе.

    „Прво заштита на животна средина не можете да го врзете со ставката во буџетот, бидејќи тука влегуваат и мерки кои ги преземаат и други сектори во Градот а кои влијаат на животната средина. Можете на пример да преземете подобрување на услови во сообраќај, проточност на сообраќај и тоа е влијание врз загадувањето, а тој проект не е во ставката заштита на животна средина. Затоа не може да се гледа сувопарно само на таа ставка“, вели Шилегов.

    Со ребалансот на буџетот за оваа година се укинаа парите за субвенции на граѓаните за набавка на инвертори за затоплување во висина од 10 милиони денари, како и субвенциите за приватните автобуски превозници за купување на еколошки автобуси, а од Град Скопје тоа го објаснија дека никој од превозниците не сакал да искористи ваква субвенција.

    Пари беа намалени во десетина ставки, со образложение дека реализација помалку чинела од она што било предвидено, односно парите не биле скратени туку проектите биле реализирани по пониски цени. Повеќето од ставките и парите кои за нив се предвидени во буџетот и оваа година се идентични како оние во 2017 година.

    Како една од новите мерки кои Град Скопје годинава ги презема против аерозагадувањето е спроведената обуката за оџачари и субвенциите за домаќинставата за чистење на оџаци за што беа предвидени 2 милиони денари. Беше воведен телефонски број 193 за пријавување на огнови на отворено.

    Пари годинава во буџетот во висина од 100 милиони денари беа предвидени и за набавка на нови еколошки автобуси за ЈСП „Скопје“, но парите беа пренаменети оти Градот реши автобусите да се купат со кредит од Европска банка за обнова и развој.

    И годинава како и лани Градот даваше субвенции за купување велосипеди и печки на пелети.

    За градоначалникот Петре Шилегов клучна мерка која тој ја презел во насока на намалување на загадувањето а како ставка ја нема во буџетот за заштита на животната средина е формирањето на новото градско претпријатие „Градски енергетски системи“ кои треба да биде носител на гасификацијата и да ја преземе дистрибуцијата на топловодната мрежа од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

    „Никогаш во кампањата не сум рекол дека кога мене ќе ме изберат за градоначалник ќе престане проблемот со загаденоста на воздухот, напротив секогаш сум говорел дека тоа е битка која ќе ги даде своите резултати на среден и долг рок. Во функција на тоа јас како градоначалник ги преземав сите активностите за формирање на ново градско претпријатие за енергетика. Наскоро ќе се легализира топловодната мрежа, која беше дивоградба, а веќе поднесовме барање до Владата за нејзино преземање, со што би се створиле перформансите да се јавиме како барател на лиценца за управување со топловодната мрежа. Јас сакав тоа да биде годинава, но правните процедури ја спречија брзата имплементација. Но, Градот ќе стане фактор на гасификацијата и топлификацијата. Сегашниот концесионер има интерес да управува, но не и да ја развива мрежата. Секогаш ја кажувам како пример Топлана Север. Таму имате 736 корисници, оти се поскапи за 40 отсто од остатокот на Скопје. Зошто се поскапи, затоа што на некој не му текнало 17 години да ископа два километри цевка колку што постои топланата. Скопје Север, Топаанско, Јаја Паша, Бутел сега се изолирани и се причинител на загадувањето затоа што некој не ископал цевковод од 2 километри. Наредната година тоа ќе го смениме и тогаш очекувам бројот на приклучоци во тој дел да биде поинаков. Преземањето на топловодната мрежа ќе ни овозможи сет на социјални мерки за луѓето кои имаат материјални потешкотии да ги внесеме на поевтин начин во системот тоа се 16.000 корисници кои се исклучија од парно греење. Тоа заедно со гасификација на која се работи ќе биде сериозен импакт во намалувањето на загадувањето“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

     


    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари