КОНЕСКИ НЕНАДЕЈНО ГО СТАВИ НА ГЛАСАЊЕ ПЛАНОТ СО КОЈ ЌЕ СЕ СЕЧАТ 50-ГОДИШНИ ДРВЈА И ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВИСОКОКАТНИЦИ ВО АЕРОДРОМ

    КОНЕСКИ НЕНАДЕЈНО ГО СТАВИ НА ГЛАСАЊЕ ПЛАНОТ СО КОЈ ЌЕ СЕ СЕЧАТ 50-ГОДИШНИ ДРВЈА И ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВИСОКОКАТНИЦИ ВО АЕРОДРОМ„Објаснете по кои правила се раководите кога на приватна парцела предвидувате парк, а на парцелите во сопственост на државата предвидувате згради? Чии интереси штитите во овој случај и зошто планот не го правите според потребите на нас жителите?“, прашуваа жителите на презентацијата на новиот ДУП лани во ноември, а сега спремаат протест пред Општината Аеродром; - приказ на местата каде треба да се градат нови згради крај Вардар (Фото: Фејсбук страна на групата Сакаме Аеродром да дише)

    Советот на Општина Аеродром попладнево ненадејно расправа за донесувањето на спорниот Детален урбанистички план за градска четврт И 10 (ДУП И 10) со кој се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар и кој беше еднаш повлечен по протестите на жителите. Донесувањето на планот како вонредна точка на дневен ред во последен момент на седницата што е во тек ја стави градоначалникот Ивица Конески. Ова се случува непосредно пред крајот на мандатот на овој состав на општинскиот совет и на градоначалникот Конески.

    „Во овој момент Советот на Општина Аеродром сака да го донесе ДУП И10, кој во последен момент го стави на расправа на седницата. Нашите советници во моментов се спротиставуваат на ова насилство.  Овој ДУП е оној со којшто ќе се предизвика еколошка катастрофа во Аеродром. Со него се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар За овој ДУП имаше голем граѓански отпор преку акцијата Аеродром сака да дише. Апелирам граѓаните и медиумите да го следат ова самоволие на Коневски, бидејќи ова не смееме да дозволиме да се случи. Најавувам силен отпор на ваквата одлука и борба до крај!“, објави на својот фејсбук профил советникот Златко Марин.

    Жителите заедно со граѓанската иницијатива Сакаме Аеродром да дише вечерва се организираат за протест пред Општината.

    Последната јавна презентација на Деталниот урбанистички план за градска четврт И 10 во Општина Ародром беше во ноември лани, а голем број жители се побунија и се борат да се намали катноста и да се заштити постојното зеленило. Тогаш „Билд урбан“ се обиде да ги презентира измените на планот кој еднаш беше пред граѓаните во март лани, но беше вратен на доработка поради бројните забелешки од жителите. Општинарите прифатиле само неколку од неколку стотиците забелешки на планот кој се однесува на делот покрај Вардар од Железничка станица до Мајчин дом и предвидува низа нови објекти поради кои се одзема од зеленилото, како и сервисни улици и паркинзи во служба на новите објекти.

    Две четирикатници се предвидени на местото на субстандардните објекти веднаш до Железничка станица и уште еден објект во иста линија со „Капитол“ покрај булеварот Јане Сандански, паралелно со Мајчин дом. Прифатени се забелешките за пристапните улици кои минуваат на зелена површина и подземното паркиралиште во близина на Мајчин дом. Нив ги нема во доработениот план, но и сегашните понудени решенија во планот ги разбеснија жителите кои, бараа објаснувања зошто планот не е одраз на нивните потреби, на што не добија одговор. Немаа објаснување ниту на прашањата зошто не воделе сметка дека за да се изгради еден од новите паркинзи треба да се исечат десетици педесетгодишни дрвја, исто како и за една од новите улици поради која ќе снема најмалку десет од сегашните дрвја.

    Планот беше на јавна расправа до 1 декември лани, рок до кој можеа да се поднесат забелешки.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира