БОРИСОВ КАЈ ГРУЕВСКИ ДОЈДЕ СО „ОНА НА М“ ОД 600.000 ЕВРА

    БОРИСОВ КАЈ ГРУЕВСКИ ДОЈДЕ СО „ОНА НА М“ ОД 600.000 ЕВРАБугарскиот премиер Бојко Борисов во луксузниот мерцедес од 600.000 евра се возеше како првиот странски лидер што доаѓа во официјална посета во мандатот на премиерот Заев. Во рамките на официјалната посета Борисов се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски (Фото: СДК.МК)

    Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој изминативе два дена беше во официјална посета на Македонија и со премиерот Зоран Заев го потпишаа историскиот договор за добрососедство меѓу двете земји, се возеше со контроверзниот мерцедес од 600.000 евра што по желба на експремиерот Никола Груевски го набави ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

    Контроверзниот мерцедес од 600.000 евра по желба на експремиерот Никола Груевски го набави ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска (Фото: СДК.МК)

    Борисов вчера во рамките на официјалната посета се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Груевски. Неговата десничарска партија ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ соработуваат како членки на Европската народна партија (ЕПП). Борисов средбата со Груевски ја најави на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за добрососедство со Заев и коментирајќи ги критиките од ВМРО-ДПМНЕ за тоа рече дека „со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски кој е дел од Европската народна партија работевме многу на постигнување на Договорот меѓу двете земји и бевме многу блиску до потпишување“.

    На 10 јуни, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го покажа мерцедесот од 600.000 евра кој од претходнаат власт бил оставен запуштен во гаража и изгребан од мачки (Фото: СДК.МК)

    „Но, што постигнавме со тоа што немаше договор? Критики секогаш ќе има, критики имаше и во Бугарија. Бевме критикувани дека сме можеле да бидеме по тврди во односите со Македонија како земја која сака да влезе во НАТО и ЕУ, но тоа не е пријателство. Демократијата е тоа, ќе има критики, но дај боже да се реализираат меморандумите што ги потпишавме. Со Груевски ќе се видам попладне и ќе бидам среќен тој да го поддржи Договорот“, рече Борисов.

    Премиерот Заев на тоа кажа дека овој Договор е резултат на минат труд не само на неговата влада, туку и на Груевски на неговата влада.

    „Сакам да ги повикам да дадат поддршка на нешто за што дале голем труд“, изјави Заев на заедничката прес-конференција со Борисов.

    „Со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски кој е дел од Европската народна партија работевме многу на постигнување на Договорот меѓу двете земји и бевме многу блиску до потпишување“, рече вчера Борисов. Но опозициската ВМРО-ДПМНЕ и по средбата на лидерот Груевски со Борисов остана на ставот дека нема да го поддржи договорот што треба да го ратификува Собранието (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и по средбата со Борисов остана на ставот дека нема да го поддржи договорот што треба да го ратификува Собранието.

    „Во однос на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на оваа тема има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови чија основна идеја беше постигнување на договор во кој нема да има чувство на победник и поразен и кој ќе ја реализира идејата за вистинско и рамноправно пријателство и соработка помеѓу двете држави и народи. Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на Централниот комитет на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев, а за кој ВМРО-ДПМНЕ имаше конструктивни и суштински забелешки и предлози за негово подобрување“, соопшти опозициската партија по средбата Груевски – Борисов.

    Борисов во луксузниот мерцедес од 600.000 евра се возеше како првиот странски лидер што доаѓа во официјална посета во мандатот на премиерот Заев.

    Приказната за мерцедесот ја отвори Заев на дебатата на МТВ на 6 јуни, кога рече дека претходната власт го оставила запуштен, оставен во гаража, дел од каросеријата е изгребана од мачки. Тој најави дека ќе се користи за странски делегации, нема да го користи ниту тој ниту министрите.

    „Ако го продаваме, тој чини 585 илјади евра. Можеме да го продадеме околу 400 илјади. Многу губиме. Затоа одлучивме тој да се користи за потребите на меѓународни делегации“, рече Заев.

    На 10 јуни, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го покажа мерцедесот.

    „Како министер во техничката влада ветив дека ќе го покажеме она на „м“. Денеска сакам да покажеме на целата македонска јавност и како се однесуваат со имотот на сите даночни обврзници. Најмногу што боли е што полицајците немаа униформи, ни возила да ги извршуваат задачите, а ова министерство имаше храброст да купи возило од 600 илјади евра“, изјави Спасовски на прес-конференцијата за мерцедесот.

    Мерцедесот што за потребите на Владата ги купило Министерството за внатрешни работи беше откриен од прислушуваните разговори во неколку муабети што ги правеле тогашната министерка Гордана Јанкулоска со тогашниот премиер Никола Груевски и со тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.

    Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение за набавката на мерцедесот, за кој има сомнежи дека бил нарачан според желбите на тогашниот премиер Никола Груевски. На 24 јануари, СЈО соопшти дека ја отворило истражната постапка „Тенк“, во која првоосомничена е ексминистерката Гордана Јанкулоска, а второосомничен еден службеник во МВР, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ за набавка на „специјално возило“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира