ДОДЕКА НЕМА ВЛАДА ЌЕ НЕМА НИ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА СВЕДОЦИТЕ НА СЈО, НИ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА МАНДАТОТ 

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ДОДЕКА НЕМА ВЛАДА ЌЕ НЕМА НИ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА СВЕДОЦИТЕ НА СЈО, НИ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА МАНДАТОТ 

    Измената на Законот за заштита на сведоците, за да се воведе дискреционо право Специјалното обвинителство да си ги штити сведоците во истрагите што ги води, е блокирано до формирањето нова Влада. Уште попроблематична е ситуацијата со продолжувањето на мандатот за СЈО и за евентуалното формирање специјално судско одделение во Основниот суд Скопје 1 за предметите што ги води ова обвинителство.

    Во судскиот процес против мандатарот за нова влада, експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој е обвинет за нарачка на насилствата во Општина Центар и за шамарите на градоначалникот Андреј Жерновски, СЈО му предложи на Судот сведочење на заштитен сведок. Но, не според Законот за заштита на сведоците, каде него би го знаеле и Јавниот обвинител Марко Зврлевски, в.д. претседателката на Врховен суд Снежана Бајлозова, и министерот за внатрешни работи и други, туку сведокот да го знае само судечкиот судија од Основниот суд Скопје 1 Татјана Михајлова. Но, Михајлова го одби барањето на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО.

    Мандатот на СЈО од 18 месеци до кога би можело да поднесува обвиненија, истекува на 15 март годинава. СЈО почна повеќе истраги, но поради сложеноста на постапките и на кривичните дела, има поднесено само 2 обвиненија.

    За овие две работи треба измена на Законот за Специјално јавно обвинителство и Законот за судови, за кои е потребно двотретинско мнозинство од пратениците или да гласа „за“ 81 пратеник во Парламентот.

    Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, чии иницијативи за измена на законите за сведоци и за мандатот на СЈО пред распуштањето на Парламентот не беа прифатени од стариот состав, вели:

    “Теоретски, според Уставот и законите, Собранието може да ги изгласа овие измени за многу кус период, но ако профункционира пред да се формира новата Влада. Треба првин да се избере претседател и потпретседатели на Собранието. Потоа да избере работни тела, комисии, за да може да се отвори комисиска и амандманска расправа по поднесените иницијативи. Но, за тоа треба договор меѓу партиите, а таква парламентарна култура, особено сега кога не се знае кој ќе формира нова влада, кај овие партии кои освоија мандати, нема. Ќе се чека да се формира првин влада, да се види кој е газда на Парламентот, па потоа тој ќе се дооформува“.

    Трајанов вели дека сега Собранието има само претседавач, Трајко Вељаноски, нема рокови до кога треба да се изберат претседател и негови заменици, а нема рокови ни за формирање на собраниските тела. Во вакви услови, вели тој, залудно би било да се поднесуваат иницијативи за законите кои му се потребни на СЈО, а за кои, освен од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, има деклративна заложба и решителност за изгласување од сите останати кои освоија пратенички мандати.

    Пред распуштањето на Собранието на 17 октомври лани, иницијативите на СДСМ и на Трајанов завршија неславно. За законот за заштита на сведоците гласаа само 42 пратеника, но 52 беа против, а за продолжувањето на мандатот на СЈО, само 36 беа „за“, а 54, или сите од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беа против.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира