СИТЕ ГИ ЧЕКААТ ТРАЈКО И ЖЕНА МУ ДА СЕ ВРАТАТ ОД РИМ ВО ВТОРНИК

    СИТЕ ГИ ЧЕКААТ ТРАЈКО И ЖЕНА МУ ДА СЕ ВРАТАТ ОД РИМ ВО ВТОРНИК

    Евентуална одлука за закажување седница на распуштеното Собрание не може да се случи до вторник. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој во Рим е заедно со сопругата, ќе се врати од аудиенцијата кај папата Фрањо по повод 24 мај, доцна во понделник вечер.

    Барањата да се свика Собранието, откако стана јасно дека на изборите на 5 јуни ќе учествува само владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не го одложија патувањето на Претседателот Вељаноски во Рим. Тој замина на предвремено честувување на браќата Св. Кирил и Методиј оти папата Фрањо поради обврски не можел да ги прими на 24 мај. Откако бугарската делегaција се согласила, поместувањето го прифатила и делегацијата од македонското Собрание.

    На заминување од неговиот кабинет соопштија дека нема уставна можност за повторно да се свика Собранието.

    Во петокот Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека ќе побара од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски одложување на изборите.  Членовите на ДИК ќе побараат измени во Изборниот законик оти утврдиле несогласувања во бројот на гласачите во три изборни единици – тројката, четворката и шестката. ДИК заклучиле дека има отстапувања од по најмалку пет проценти во бројот на гласачите во овие изборни единици.

    Според Законот за избори бројот на гласачи во сите шест изборни единици треба да биде приближно ист и не смее да отстапува со повеќе од пет проценти помеѓу две изборни единици. Според податоците од актуелниот избирачки список, бројот на гласачи во шестата изборна единица е многу поголем од бројот на гласачи од изборните единици еден и два.

    Барањето од ДИК за одложување на изборите закажани на 5 јуни е трето по ред во последниве три дена. Американската амбасада во четвртокот побара да се свика Собранието и да се откажат изборите оти фактот дека само една голема политичка партија поднесе кандидатски листи за изборите на 5 јуни ја потенцира и засилува загриженоста дека условите не се погодни за спроведување кредибилни избори. Од амбасадата потсетија дека останува уште недовршена работа во врска со реформите во медиумите, заплашувањето на гласачите, како и избирачкиот список. Ги повикуваа партиите повторно да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите, да ги поништат помилувањата, и повторно да се посветат на спроведување на агресивна реформска од Пржинскиот договор, итните реформски приоритети на ЕУ, Извештајот на Прибе и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

    Веднаш откако амбасадата соопшти дека Соединетите Американски Држави ги повикуваат партиите повторно да го свикаат Собранието и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, преку својот официјален Фејсбук профил најави дека неговата партија ќе поднесе иницијатива за итно свикување на Собранието. Најавата ја поткрепи со објаснување дека одењето на избори на 5 јуни, без учество на ДУИ, СДСМ и на ДПА, не претставува почеток на решавање на политичката криза, туку на нејзино продлабочување.

    Порака за свикување на Собранието вчера пред Собрание оставија и антивладините демонстранти. Тие на асфалтот испишаа „Ма какво распуштање, нема опуштање“, а мото на протестот беше „Собрание собери се“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари