КАКО ГРУЕВСКИ ЗА 4 И ПОЛ МЕСЕЦИ СО „НАРОДОТ“ ГО НАПАДНА СОБРАНИЕТО

    КАКО ГРУЕВСКИ ЗА 4 И ПОЛ МЕСЕЦИ СО „НАРОДОТ“ ГО НАПАДНА СОБРАНИЕТОВо организираниот напад на Собранието на 27 април вечерта во кој демонстрантите на „За заедничка Македонија“ непречено од полицијата влегоа во Парламентот, повреден беше и лидерот на СДСМ Зоран Заев (лево). Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 27 април вечерта со полноќниот лет од Виена се врати за Скопје (десно).

    Делегацијата на ЕУ во Скопје, американската амбасада, мисијата на ОБСЕ и канцеларијата на НАТО во заедничка изјава најостро го осудија, како што наведуваат, „организираниот напад во Собранието“. Еве ја хронологијата на настаните и изјавите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ што претходеа на нападот на Собранието на 27 април. 

    • На 16 декември, 2016 на средбите со амбасадорите на ЕУ и на САД Самуел Жбогар и Џес Бејли, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски им рекол дека не може да им одговори дали ќе ги смири страстите на неговите приврзаници кои протестираат пред Државната изборна комисија, соопшти партијата. „ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека подржува мирни демонстрации и не подржува говор на омраза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите“. Жбогар изјавил дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, „на што беше одговорено дека не може да се предвиди што ќе се случи, бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот.
    • На 17 декември, 2016 Никола Груевски го прочита Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Државната изборна комисија додека траеше разгледувањето на приговорите по парламентарните избори од 11 декември, ја обвини ДИК и неколку амбасадори за мешање во изборите: „Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема да дозволиме да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните на РМ. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана волја на граѓаните“.
    • На 18 декември, 2016 се појавија некролози на сегашни и поранешни претставници на меѓународната дипломатска заедница во Скопје.
    • На 26 февруари, 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот… Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување и да покаже дека има и капацитет и волја и моќ да ја брани својата држава и јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува. И само народот е тој што може тоа да го спречи, никој друг. Политичарите, оние коишто се борат и бранат нема да можат сами, особено затоа што не се обединети, едни бранат, а другите се на другата страна. И само народот е тој кој што може да се вмеша и да ја заврши работата во однос на одбраната“.

    По ова интервју, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ предводена од Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски, која е против опозицијата да коалицира со партиите на македонските Албанци зашто со тоа наводно ќе се загрози унитарниот карактер на државата.  На првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.  На 28 февруари, на вториот ден од протестите, беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.

    • На 19 март, 2017, Никола Груевски на интервју на Канал 5: „Што народот ќе прави, тоа никој не може да го предвиди, народот е над политичарите и нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. Ние не одиме против волјата на народот, тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот. Јас кажав во еден мој претходен настап: државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник, нема 61 или 63 како што посакувавме и не можеме да го одбраниме сами во парламентот. Потребно е народот да си ја одбрани својата држава затоа што може да ја нема. И да не испадне дека не сум го кажал ова, го кажувам и го повторувам, државата може да ја нема ако се остави на овој човек и на неговите сценаристи да го истераат својот план“.

    Во текот на март, 2017 речиси секојдневно се множат „патриотски“ невладини организации за зачувување на македонскиот интегритет и унитарноста на Македонија. Во рок од неколку дена, во Централниот регистар беа впишани три нови здруженија на граѓани – МПО „Лавови“ од Битола, Македонско-патриотско здружение Методија Патче од Охрид и Непокор од Струга. На почетокот на месецот се формираа две други здруженија, „Национален фронт“- Прилеп и фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров“.

    • На 9 април, 2017, изјава на Никола Груевски, во време кога СДСМ и ДУИ беа во преговори за формирање коалиција: „Доколку СДСМ влезе во такво сценарио за кое се заговара деновиве, на неправно, незаконско, неделовничко однесување во Парламентот, треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира оштро, а треба да очекува дека и народот во Република Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Да не мисли дека тоа ќе помине туку така и дека народот ќе остане со скрстени раце. ВМРО ќе одговори жестоко и ќе одговори соодветно“.

     

    • Изјава на Никола Груевски на 28 април, 2017 изутрината по организираниот напад и насилството во Собранието: „Подготвеноста да ги ставаат на коцка националните и државните интереси заради гола власт, и бегањето од ново соочување со народот на избори е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација. Во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, но ВМРО секогаш била и ќе остане на страната на народот, на страната на Уставот и на страната на националните интереси на државата, затоа што постои токму заради народот и заради Македонија. Повикувам да се прифати иницијативата на претседателот Иванов за средба на партиските водачи со цел изнаоѓање институционално решение по мирен пат без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани. Само преку дијалог може да се излезе од сегашната криза, сѐ друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати јавно говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДС и нивните партнери. Истовремено, ги повикувам сите граѓани на Македонија да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ, правото да се протестира е загарантирано со Устав, но очигледно некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка добивка. Народот има право да си ја чува и брани земјата и тоа никој не може да му го оспори, но навлекувањето на насилни методи, на физички пресметки оди на директна штета на Македонија и на сите нас во неа. Оние кои го правеле сценариото за денес, очигледно посакувале да имаат насилство со цел истото да го стави во сенка незаконското, противуставното и противделовничкото бирање на претседател на Парламенто со класично силување на Парламентот и на државата. Нивната цел е никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци и притоа прстот да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое нема никакв поврзаност со овие настани“.

     

    • На 28 април, 2017 вечерта, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека е нападот на Собранието е  е организиран од Груевски, Ѓорге Иванов и Митко Чавков и дека бил организиран обид за негово убиство, Никола Груевски на интервју во Телма изјави:„ Никогаш не сум поддржувал насилство и тоа што се случуваше во парламентот најостро го осудувам.Тоа што се случуваше во и пред собранието е одговорност и на СДСМ кои немаше слух за барањата на луѓето кои 60 дена протестираа и бараа одговори. Место да ги сослушаат нивните барања тие ги навредуваат со нај погрдни зборови…. Ако сакаше некој вчера да го убие Заев, ќе го убиеше. Во салата имаше 100-200 луѓе, на неколку метри, ако дошле со помисла да го убијат, можеа да го убијат. До него стоеја. Така што не е точно дека некој сакал да го убие, туку најверојатно луѓето ги понел револтот… За време на протестите досега едно цвеќе не било згазено, а она што се случи вчера, во голема мера го детерминираше СДСМ со неговите постапки… Зошто на пример одбраа точно во 18 часот да бираат претседател на Собрание, зошто не во 14 часот, кога знаеја дека во 18 часот луѓе надвор протестираат?…Чија реторика ја разгоре масата? Ајде да не зборувам, човекот е во болница. Но, тој човек зборуваше дека Македонците немаат корен и слично“.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира