Со изложба на фотографии и филмско попладне, Скопје ѝ се приклучи на Германија во одбележувањето на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, кој за време на Студената војна го делеше градот 28 години.
Во фоајето на Кинотеката беа изложени фотографии од Берлин, а потоа германскиот амбасадор Томас Герберих ја покани публиката на проекциите на филмовите на тема Берлински ѕид: „Борнхолмер Штрасе“, траги-комедија за последните часови пред отворањето на ѕидот, како и „Збогум, Ленин!“ и „Небото над Берлин“.
Германија ја одбележа годишнината на еден од најодлучувачките моменти во модерната европска историја со голем број настани во текот на целава недела, а централниот настан беше денеска во Берлин.
На 9 ноември 1989, властите од Источен Берлин го изненадија светот кога ненадејно одлучија да го срушат озлогласениот Берлински ѕид, што следеше по серија масовни демонстрации.
Во фоајето на Кинотеката се изложени фотографии во чест на падот на Берлинскиот ѕид (Фото: К. Попов)
Б. НЕСТОРОСКА