ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА СЕ ОСВЕСТИ И ДА ДАДЕ ВРЕМЕНА МЕРКА ЗА БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“, КАЖА БОГДАНОВИЌ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА СЕ ОСВЕСТИ И ДА ДАДЕ ВРЕМЕНА МЕРКА ЗА БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“, КАЖА БОГДАНОВИЌ„Почетната цена според законот се формира согласно намената. Во овој случај имаме 70 отсто катна гаража, а 30 отсто деловен објкет. Со тоа треба да добиете почетна цена која е околу 5.000 денари, а овде била 1.800 и со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, да нема договор и со тоа паѓа одобрението за градба“, вели Богдановиќ. (Фото: К.Попов)

    Се надевам Обвинителството ќе се освести и ќе преземе чекори со кои ќе се спречи градење на 29-метарската катна гаража кај „Авто Македонија“, рече денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богданивиќ, откако фирмата „Никофон“ со извршно решение од денеска го презема просторот и може да гради.

    На паркингот каде треба да никне барокна осумкатницата, утрово беа собрани граѓани кои најавија дека со стражи ќе го чуваат просторот и нема да му дозволат на инвеститорот да гради. Градоначалникот Богдановиќ ги уверуваше дека Општината нема да дозволи градба и ќе ги преземат сите мерки ‘криминалниот договор да се раскине‘ и овој простор да си остане паркинг.

    Градоначалникот Богдановиќ кажа дека за овој случај во 2015 година граѓани поднеле две кривични пријави за начинот на продажбата на земјиштето, против тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ и тогашниот премиер Никола Груевски, а пред неколку месеци кривична пријава за злоупотреба на службата должност поднела и Општина Центар. Но, досега одговор на Обвинителството за организиран криминал и корупција нема.

    Додека Богдановиќ имаше средба со граѓаните, на парцелата се појави и сопственикот на „Никофон“ Никола Настески . Новинарите побараа изјава од него, но тој одби да даде било каков коментар упатувајќи нѐ да му испратиме прашања.(Фото: К.Попов)

    „Спорна за нас е самата јавна лицитација. Почетната цена според законот се  формира согласно намената. Во овој случај имаме 70 отсто катна гаража, а 30 отсто деловен објкет. Со тоа треба да добиете почетна цена која е околу 5.000 денари, а овде била 1.800 и со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, да нема договор и со тоа паѓа одобрението за градба. Веќе покренавме постапка за оштетување на буџет и злоупотреба на службата положба до Јавното обвинителство и чекаме одговор. Но, сакам да напоменам дека и во изминатиот период има поднесено две кривични пријави од страна на граѓани кои живеат тука и ништо не е преземено. Ги повикувам надлежните институции до кои веќе имаме реагирано, да се освестат, да се даде времена мерка за забрана за било каква активност додека не се расчисти целиот случај бидејќи не дај боже ако се почне да се гради ќе биде доцна, штетата ќе биде направена“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Адвокатот Мирослав Вујиќ рече дека лично тој во 2015 година ги поднел двете кривични пријави и четири години нема никаков повратен одговор.

    „Зошто се кријат овие кривични пријави“, праша Вујиќ.

    Додека Богдановиќ имаше средба со граѓаните, на парцелата се појави и сопственикот на „Никофон“ Никола Настески . Новинарите побараа изјава од него, но тој одби да даде било каков коментар упатувајќи нѐ да му испратиме прашања.

    „Не можам да ви одговорам, не можам убаво да се изразам пред камери. Еве ви визит карти испратете ми прашања“, ни рече Настески и замина.

    Фирмата „Никофон“ сѐ уште нема доставено барање за оградување на просторот. Од Општината велат дека им било најавено дека до крајот на неделава од инвеститорот ќе биде побарано да се отстранат сите возила од паркингот.

    Градежната дозвола за изградба на катната гаража е издадена на 31 март, кога градоначалник беше Андреј Жерновски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира