Скопје до 2025 година ќе добие пречистителна станица за отпадни води, откако министерствата за финансии и за животна средина денеска потпишаа договор со кој се затвора финансиската конструкција на овој капитален проект.
Во проектот ќе бидат инвестирани 136,73 милиони евра, средства обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој и со него треба трајно да се реши проблемот на отпадни води во Скопје, од кои најмногу страда Вардар.
„Овој проект му е итно потребен на главниот град, затоа што со зголемувањето на населението и со брзата урбанизација и индустријализација континуирано се зголемува количеството на отпадни води што домаќинствата и фирмите ги испуштаат во Вардар. Пречистителната станица ќе опслужува над 500.000 жители, а урбаните води ќе се филтрираат во согласност со стандардите на Европската Унија. Ова е уште еден чекор кон подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, а придобивки ќе имаат и сите оние кои живеат по течението на Вардар. Ова е голем ден, да прославиме, но од утре започнува напорната работа за спроведување на проектот“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
Нагласувајќи дека Скопје е еден од последните главни градови во Европа без пречистителна станица, министерот за животна средина Насер Нуредини кажа дека ова е само продолжение на низа слични проекти.
„Досега се изградени пречистителни станици во Прилеп, Радовиш, Струмица, Кичево, Гевгелија и Кочани. Посветени сме наскоро да почнеме изградба на ваква станица и во Битола и Тетово, а подготвена е и техничка документација за Штип и Велес“, изјави Нуредини.
Проектот ќе се спроведе под водство на јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“.
„После 15 години, овој проект станува реалност. Ние како претпријатие досега вложивме многу ресурси во негова реализација. Ова е втора најголема инвестиција на оваа влада и една од најмодерните досега, со која застануваме рамо до рамо со европските земји“, кажа директорот Душко Весковски.
Г. КОНЕВ