Доналд Трамп се обиде да ги омаловажи „климатските пророци на уништувањето“ во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, каде што одржливоста е главна тема оваа година. Тој побара да се отфрлат предвидувањата дека Земјата ја чека апокалипса и кажа дека Америка ќе ја одбрани својата економија, која доживува „досега невиден, спектакуларен бум“.
„Време е за оптимизам, не за песимизам“, им кажа Трамп на политичките и бизнис лидери кои се собраа во Давос.
Уништувањето на животната средина е темата за која многу ќе се дискутира во Давос, поради што се присутни и голем број еколошки и климатски активисти, вклучувајќи ја и Грета Тунберг.
„Тие само креваат паника и бараат иста работа: апсолутна моќ да доминираат, трансформираат и контролираат секој аспект од нашите животи“, изјави Трамп, кој не пропушти шанса да ја испофали американската економија.
Тој зборуваше набргу по 17-годишната Тунберг, која предупреди дека глобалните петочки протести за климата, што таа ги поттикна, се само почеток на борбата.
„Мора да почнеме да ја слушаме науката и да ја третираме кризата со исклучителна важност. Оваа криза мора да ја сфатиме како реалност. Сакаме акција не во 2030, 2050 или во 2021 година, туку сега“, кажа Тунберг.