ГРАД СКОПЈЕ ЈА ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ПОД КАЛЕ, 15.000 ЕВРА КАЗНА ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА ЗЕМЈИШТЕТО АКО ПОВТОРНО СТАНЕ ДИВА НАСЕЛБА

    ГРАД СКОПЈЕ ЈА ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ПОД КАЛЕ, 15.000 ЕВРА КАЗНА ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА ЗЕМЈИШТЕТО АКО ПОВТОРНО СТАНЕ ДИВА НАСЕЛБАВо првите два дена од акцијата собрани се 500 метри кубни ѓубре, а просторот целосно ќе биде исчистен за 10 дена.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје почна да ја чисти депонијата под Кале, која со години беше претворена во дива населба, каде се палеа гуми и кабли и живееја околу 200 граѓани. Градот заедно со Министерството за труд и социјална политика, пред еден месец жителите ги дислоцираа и ги сместија во Визбегово. Од вчера овој простор каде со години се таложело ѓубре и отпад почна да се чисти.

    Во расчистувањето покрај екипи од Градот учествуваат и општествено одговорни фирми кои со својата механизација помагаат да се собере сметот и да се однесе на депонијата „Дрисла“. Во првите два дена од акцијата собрани се 500 метри кубни ѓубре.

    „За 10 дена целосно ќе се исчисти просторот од отпад. Ова место е приватна сопственост на фирмата ’Амадеус груп‘, како и цела оваа страна на кејот. Ова е последен пат Град Скопје да интервенира на оваа локација. Откако ќе го исчистиме комплетно просторот и ќе го доведеме во нормална состојба ќе бидеме ригорозни во изрекување казни. Писмено се известени сите сопственици дека доколку не се грижат за просторот кој го купиле и дозволат тој да прерасне во депонија ќе бидат казнети, а казната е 15.000 евра“, рече Шилегов.

    Шилегов рече во наредниот период ќе се работи на расчистување на депониите во Визбегово и во Вардариште.

    „Годинава очекувам заедно со Министерството за животна средина да почнеме со решавање на депонијата во Визбегово која се создавала 30 години. Вардариште е комплексно прашање, кое не дозволува импровизацијата бидејќи била депонија на Град Скопје каде бил депониран отпад повеќе од 40 години и тука ќе ни треба и експертиза и меѓународна помош. Проценката за санирање на состојбата таму покажува дека се потребни околу 40 милиони евра за целосно да се заштити тој потег“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира