Невреме со пороен дожд го зафати вечерва Кичево, по кое остана поплавена главната улица по која се вози кон Охрид. Полицијата е на терен и ги пренасочува возилата по споредни улици во градот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека го предвиделе денешното невреме и известиле за тоа на нивната страница на Фејсбук, а писмено и усно го известиле и Центарот за управување со кризи.
„Во Кичево имаше 10-минутен пороен дожд, кој престана да врне пред еден час. Поплавена е дива населба, која нема атмосферска канализација. Според правилата, прва реагира локалната власт, која ако не може да се справи сама, бара помош ЦУК. Од ЦУК не беше побарана помош“, ни потврди Надица Вучкова, портпарол на Центарот за управување со кризи.