Во земјава фалат 536 пожарникари, а најмногу во Скопје – 213, според законски пропишаниот минимум. Од 30 Противпожани бригади, само 4 имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум и тоа само по еден или двајца, додека шест други единици имаат колку што бара минимумот. На останатите 20 Пожарни им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Според Законот за пожарникарство, општините до 10.000 жители треба да имаа најмалку 9 пожарникари, од 10.000 до 15.000 жители 13 пожарникари, во општините до 24.000 жители треба да има 17 пожарникари, а во општините кои имаат над 24.000 жители, еден пожарникар на 1.500 жители.
Според ваквите законски одредби најмногу пожарникари, 213, му недостигаат на Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково. Потоа следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола 32, а во Прилеп 26 пожарникари.
Меѓу општините со повеќе од законски предвидениот минимален број пожарникари се Охрид и Ресен, кои имаат по двајца пожарникари повеќе од минимално определениот број, како и Демир Хисар и Крушево, само со по еден пожарникар над минимумот. Шесте општини со ист број пожарникари со законскиот минимум се Штип, Радовиш, Делчево, Македонски Брод, Пробиштип и Кратово.
Истражувањето покажува и дека Противпожарните бригади располагаат со стари возила за гасење на пожари. Во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, а просечна старост е 28 години.
А. АНТЕВСКА