По четири децении, патот за Маловишта, единственото село во рамките на Националниот парк Пелистер кое е прогласено за заштитена споменичка рурална целина, ќе добие нов асфалт. Се реконструираат четири километри од патниот правец Кажани-Маловишта, кој со години беше во очајна состојба, тесен и со дупки.
„По 40 години, патот се реконструира. Во овие последни години додека се правеа хидроцентралите патот ни го направија катастрофа и не можевме ни за селото да одиме безбедно. Нашето село е прочуено по убава црква и манастир, доаѓаат туристи од секаде и постојано се чудеа што е со патот. Патот беше широк три метри, а сега ќе биде четири метри, со банкини од 50 сантиметри, па ќе можат да се разминат две возила”, рече Јован Нашовски од Маловишта.
- ПЕЛИСТЕРСКОТО СЕЛО МАЛОВИШТА СО СПЕЦИФИЧНА ВЛАШКА АРХИТЕКТУРА ПРОГЛАСЕНО ЗА ЗАШТИТЕН СПОМЕНИК
- ШУМА СО БОЈА НА ХРИЗОЛИТ ГО ЧУВА МАНАСТИРОТ „СВЕТА АНА“ ВО МАЛОВИШТА
- МАЛОВИШТА, СЕЛО СО РЕТКА УБАВИНА И УШТЕ ПОРЕТКИ ВЛАШКИ ПРЕЗИМИЊА
- ВЛАШКОТО МИ Е НАЈСИЛНО, ВЕЛИ ВИМБЛДОНСКАТА ШАМПИОНКА СИМОНА ХАЛЕП, МАКЕДОНСКА ВЛАИНКА ОД БИТОЛСКО МАЛОВИШТА
Во реконструкцијата ќе бидат вложени 16,3 милиони денари преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и 2,3 милиони денари од Општина Битола.
„По 40 години, за првпат се врши интервенција на овој патен правец кој беше оставен на немилост на времето. Во Битола преку Програмата за рурален развој се активни шест проекти со вкупна поддршка од Агенцијата и Владата од 42 милиони денари”, рече Никола Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.
Градоначалничката Наташа Петровска рече дека Општината не е само градското јадро и дека ќе продолжат со поддршката на руралните средини за да има рамномерен регионален развој.
Ж. ЗДРАВКОВСКА